Австрија ја намали зависноста од руски гас од 79 на 21 отсто

Австрија преку различни мерки, пред се преку диверзификација, значително ја намали зависноста од рускиот гас од досегашните 79 на 21 отсто, соопшти Министерството за енергетика на Австрија.

Според регулаторното тело „Е контрол“, уделот на рускиот гас во февруари изнесувал 79 отсто, а Австрија, како што се наведува во соопштението, успеала да ги замени испораките од Русија, кои сега изнесуваат 21 отсто.

Така, Австрија изнајми 40 терават часови капацитет на гасоводoт кон Германија и Италија и успеа да увезе гас од Норвешка, но и течен гас и помали количини  од Северна Африка и од Централна Азија, пренесува Танјуг.

„Направивме огромен чекор во ослободувањето од зависноста на рускиот гас“, рече министерката за енергетика Леоноре Гевеслер, која им се заблагодари и на граѓаните за заштедата на енергија.

„Сè уште не сме стигнале до крајот на патот, за да бидеме целосно независни, бидејќи ќе бидеме само кога ќе можеме целосно да се снајдеме без рускиот гас“, објасни таа.