Во страв од есенскиот бран на коронавирус, Министерството за здравство на Австрија им препорачува на граѓаните да ја примат и четвртата доза од вакцината против Ковид-19.
Досега препораката за четврта вакцина важеше само за лица над 60 години, а новата препорака на надлежните органи важи за сите лица над 12 години возраст.
Министерот за здравство Јоханес Раух изјави дека очекува во септември во Австрија да бидат испорачани нови вакцини приспособени на новите соеви, пренесува Танјуг.
Тој посочи дека четвртата доза од вакцината се препорачува за сите лица над 12 години, четири до шест месеци по целосна имунизација, односно по примање на третата доза.
За децата од пет до 11 години се препорачува основна имунизација пред почетокот на учебната година и таа се состои од три дози.
Раух, исто така, рече дека очекува зголемување на инфекцијата со коронавирус наесен и препорача носење маска FFP2 во затворени простори.
„Сигурно е дека наесен ќе биде целисходно и неопходно да се носат маски на одредени места, како што е јавниот превоз, но и во супермаркетите“, објасни тој.