
Австрија во вторникот објави дека ги укинува патничките воздухопловни врски со повеќето балкански земји, меѓу кои и Македонија, како и со Молдавија и Египет, за да го намали ризикот патниците заразени со коронавирусот да влезат во земјата.
Мерката стапува на сила од четврток, објави австриското министерство за здравство. Станува збор за најновото во низата предупредувања за патнциите коишто Австрија од почетокот на јули ги издаде за регионот на Балканот.
Новата забрана се однесува на доаѓањата од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Египет, Косово, Молдавија, Србија, Романија и Црна Гора.
Забраната за патувањаа со авиони остануваат и натаму на сила за Белорусија, Велика Британија, Иран, Кина, Протугалија, Русија, Украина и Шведска.
Повеќе од 530.000 луѓе во австриската вкупна популација од 8,9 милиони жители имаат корени во земјите од поранешна Југославија. Покрај тоа, во Австрија живеат и околу 120.000 Романци. Многу припадници од овие заедници ги минуваат годишните одмори во земјите на потеклото.
На почетокот од јули австриските власти воведоа мерки за патувањата од земјите од западен Балкан, појаснувајќи дека се забележани случаи на зараза во Австрија директно поврзани со враќање на лица од овој регион. Австрија за сите лица кои се враќаат од Србија, Босна и Херцеговина или Косово воведе задолжителен карантин по враќањето, а министерството за надворешни работи на своите страници им препорачува на граѓаните да се откажат од патувања во овие земји.