Поставената бодликава жица долж пристапот кон автопатот кај Шпилфилд, преминот на границата со Словенија, предизвика бурни реакции.
На пристапот кон автопатот А9, источно од прифатниот центар, австриските власти поставиле бодликава жица, пренесува Танјуг.
Портпаролот на полицијата Фриц Грундинг објаснил дека поставената бодликава жица треба да ги спречи мигрантите да излезат на автопатот.
Според неговата изјава, бодликавата жица е поставена веќе неколку дена и нема никаква поврзаност со најавените „градежни мерки“.
Жицата е добиена од војската, а полицијата одговарајќи на критиките, посочува дека алтернативата за ова решение било постојано присуство на војската или полицијата по должината на пристапот кон автопатот.
Полицијата и војската деноноќно ги контролираат пристапите кон автопатиштата и железничката пруга во близина на границата. Но, откако неодамна повеќе луѓе се обиделе преку автопатот да влезат во Австрија, било одлучено да се превземат мерки за претпазливост.