Австриски политичар пукал од терасата на својот дом замислувајќи дека стрела во Курц и Белен

Локален политичар на Слободарската партија на Австрија (FPOe) во Салцбургер Флахгау пукал во саботата од терасата на својата куќа, незадоволен поради настанатата политичка ситуација во земјата по распаѓањето на владата, во која беше застапена и неговата партија.

Тој испукал 29 куршуми од пиштол, поради што соседите повикале полиција.

Повеќе патроли и специјалната единица „Кобра“ пристигнале до домот на политичарот, кој бил приведен. За време на полициското сослушување тој истакнал дека пукал во воздух, притоа замислувајќи дека пука во портретите на поранешниот канцелар Себастијан Курц и австрискиот претседател Александер ван дер Белен.

Нагласил дека бил многу лут и разочаран поради смената на Херберт Кикл, еден од влијателните личности во FPOe, од местото министер за внатрешни работи.

Полицијата кај политичарот пронашла повеќе парчиња оружје, без да ја соопшти точната бројка, но дефинитивно станува збор за вистинско оружје.

Од партијата веднаш реагирале на апсењето на својот член и го исклучиле од партијата. Челничката на покраинската подружница на FPOeавстрија, Марлене Свацек изјави дека досега овој политичар бил тотално незабележлив и никој не знаел дека поседува оружје