Австрискиот претседател Ван дер Белен убедливо обезбеди реизбор

Австрискиот претседател, 78-годишниот Александер Вен дер Белен обезбеди во неделата втор шестгодишен мандат освојувајќи убедливо мнозинство гласови на изборите, со што го избегнува вториот круг, покажуваат проекциите врз речиси сите гласови.

Поранешниот лидер на австриските Зелени кои ги напушти пред повеќе години, стекна широка популарност меѓу сонародниците поради смиреноста во текот на периодот на националната криза предизвикана од миграциите, падот на владата во 2019 година, пандемијата на коронавирусот и оставката на канцеларот Себастијан Курц пред една година.

Крајно десната партија Слободарската партија на Австрија (FPO), беше единствената парламентарна партија која како и на изборите во 2016 година исфрли противкандидат на Ван дер Белен кој тогаш го победи Норберт Хефер во исклучително тесна трка, а сите други го поддржаа актуелниот претседател.

Австрискиот претседател врши главно церемонијална улога, но има големи овластувања во периоди на политички транзиции и турбуленции. Претседателот е врховен командант а има должности при менување на целата влада или на канцеларот.

„Апсолутно мнозинство значи повеќе од сите други кандидати заедно и тоа треба да биде сфатено многу сериозно. Воопшто не бев сигурен дека тоа ќе се случи, но се случи и многу сум задоволен“, изјави Ван дер Белен за националната австриска телевизија ORF.

Ван дер Белен на изборите во неделата имаше шест противкандидати. По 95 отсто од преброените гласови на избирачките места, според проекциите на агенцијата SORA за ORF темелена на тоа броење, Ван дер Белен освоил 56,1 отсто од гласовите, со маргина на грешка од 1,1 процентен поен. Неговиот најблизок ривал Валтер Розенкранц од FPO освоил 17,9 отсто од гласовите.

„Александер Ван дер Белен навистина успеа во првиот круг да осигури тој да биде следниот претседател. Му честитам на тоа“, изјави Розенкранц за ORF.

Гласовите преброени во неделата не ги вклучуваат гласачките ливчиња испратени по пошта, коишто ќе бидат преброени подоцна во понеделникот, но проекциите се за целосниот резултат, вклучително и гласањето преку пошта. Таквите проекции во минатото се покажаа многу сигурни, потсетува ORF.

Засебната проекција на агенцијата на ARGE Wahlena за службената новинска агенција APA дала речиси идентични резултати како и на SORA. Според овие проекции, Ван дер Белен освоил 56 отсто а Розенкранц 17,6 отсто од гласовите.