Неколку лица биле повредени во црногорскиот град Никшиќ кога автомобил влетал во група приврзаници на опозицијата кои ја прославувале ноќта кон понеделникот победата на опозицските коалиции на парламентарните, пренесува порталот на весникот Vijesti.
„Неколку лица настрадеале на кружниот тек во Никшиќ, откако возач на BMW влетал во група којашто ја славела победата на опозицијата“, се наведува во инфромацијата на електронскот издание.
Се додава дека од управата на полицијата соопштиле оти настрадени се неколку лица, од кои еден маж тешко.
Според неофицијални информации на Vijesti, откако со автомобилот влетал во собраните, група од нив физички го нападнала возачот, а полицијата спречила натамошни судири.
Се додава дека полицијата го обезбедува местото и оти се очекува доаѓање на обвинителот.
Никшиќ е вториот по големина град во Црна Гора, и е родното место на претседателот Мило Ѓукановиќ, чија Демократска партија на социјалистите, според последните резултати од гласањето во неделата, по 31 година е поразена од трите опозициски коалиции.
Претходно лидерите на опизицијата ги повикуваа своите приврзаници да не излегуваат од своите домови и да ја прославуваат победата, предупредувајќи дека се можни провокации.