Во понеделникот, Азербејџан побара од Меѓународниот суд на правдата (МСП – ICJ) да ја отфрли тужбата на Ерменија која го обвинува за етничко чистење и кршење на Конвенцијата на Обединетите нации против расна дискриминација.
Тужбата е дел од наследството на деценискиот конфликт меѓу двете земји, пред сѐ, за Нагорно Карабах во Азербејџан. Силите на Баку го зазедоа планинскиот регион во септември минатата година по повеќегодишна контрола од страна на етничките Ерменци, од кои повеќето побегнаа во Ерменија, откако новите власти во Ереван приближувајќи се кон западните земји, во прв ред Франција и САД, практично го призна азербејџанскиот суверенитет врз со векови спорната област
Ерменија поднесе барање за дискриминација до Меѓународниот суд на правдата (МСП), познат и како Светски суд, во 2021 година, обвинувајќи го Азербејџан за кршење на Конвенцијата на ОН за елиминација на сите форми на расна дискриминација. Таа го обвини Азербејџан дека го велича расизмот против Ерменците, дозволува говор на омраза против Ерменците и уништува ерменски културен имот, што Баку го негира.
Азербејџан потоа поднесе тужба против Ерменија обвинувајќи ја за дискриминација и етничко чистење на Азербејџанците и кршење на истата конвенција.
Заменик-министерот за надворешни работи на Азербејџан, Елнур Мамадов, изјави пред судот дека повеќето од ерменските жалби се однесуваат на вооружениот конфликт околу Нагорно-Карабах и не спаѓаат во Конвенцијата за борба против дискриминацијата. Ја обвини и Ерменија дека не учествувала искрено во преговорите пред да ја поднесе тужбата до судот.
„Ерменската тужба ја злоупотребува (конвенцијата) и се обидува да ја избегне нејзината обврска да се обиде да го реши спорот со Азербејџан преку преговори пред да оди на суд“, рече Мамадов.
Ерменија ќе ги презентира своите аргументи во вторник.
Во ноември, судот издаде вонредни мерки со кои му наложи на Азербејџан да им дозволи на етничките Ерменци кои избегаа од Нагорно-Карабах во септември да се вратат.
Ерменија го обвини Азербејџан за етничко чистење. Азербејџан тврди дека ветил дека ќе осигури безбедност на сите жители, без разлика на националното и етничкото потекло, и дека не ги принудил етничките Ерменци да го напуштат Нагорно Карабах.
Расправите се однесуваат само на правни оспорувања на јурисдикцијата на МСП и нема да навлегуваат во основаноста на наводите за дискриминација. Конечната одлука може да потрае со години и МСП не може да ја наметне својата пресуда.