Министерството за одбрана на Азербејџан објави дека почнало антитерористичка акција во одметнатиот регион Нагорно-Карабах. Тензиите во регионот пораснаа во изминатите месеци, што кулминираше откако 11 азербејџански полицајци и цивили загинаа во експлозија на мина и во друг инцидент.
Баку денеска ги обвини ерменските сили за систематско гранатирање на позициите на азербејџанската војска и кажа дека возвратил со лансирање на локални антитерористички активности.
„Целта на акцијата не се цивили и цивилни објекти, туку легитимни воени мети се онеспособуваат со помош на високопрецизни оружја за да се поврати уставен поредок во Република Азербејџан“, соопшти Министерството за одбрана на Азербејџан.
Ерменија кажа дека тврдењата за ерменски напади немаат врска со реалноста.
Азербејџан и Ерменија двапати војуваа околу Нагорно-Карабах, прво во почетокот на 1990-ите, а потоа во 2020. Од декември, Азербејџан одржуваше ефективна блокада на единствениот пат кој води во енклавата од Ерменија.