Азиските берзи во благ раст, растат и цените на нафтата а доларот јакне

На азиските берзи во четвртокот цените на акциите благо пораснаа, но се тргува претпазливо бидејќи вложувачите стравуваат од агресивното зголемување на каматите на американската централна банка Federal Reserve (Fed), откако инфлацијата во САД во јуни достигна нови највисоко ниво по 40 години од 9,1 отсто.

Индексот MSCE на азиско-пацифичките акции, без јапонските, малку по 7 часот во четвртокот беше во плус од 0,3 отсто, со што зајакна втор ден со ред.

Притоа, на Токиската берза индексот Nikkei зајакна за 0,7 отсто, додека цените на акциите на берзите во Јужна Кореја, Хонгконг, Шангај и Австралија пораснаа за меѓу 0,1 и 0,4 отсто.

Вложувачите на азиските берзи беа охрабрени од вчерашниот само благ пад на њујоршки Волстрит, инаку трет дена со ред.

Индексот Dow Jones ослабе за 0,67 отсто, S&P 500 се лизна за 0,45, а Nasdaq индексот падна за 0,15 отсто. Во текот на тргувањето трите индекса беа во минус од повеќе од 1 отсто, бидејќи вложувачите беа шокирани од податокот дека инфлацијата во САД во јуни достигнала 9,1 отсто, ново највисоко ниво по повеќе од четири децении.

Аналитичарите очекуваа раст на инфлацијата од 8,6 отсто во мај на 8,8 проценти, на сегашниот податок го зацврстува убедувањето на пазарот дека Fed агресивно ќе ги зголеми каматните стапки за 0,75-проценти поени, па можеби и за цел процентен поен.

„Лично очекувам дека Fed ќе остане на плановите за зголемување на каматите за 0,75 процентни поени. Доколку оди со цел процентен поен, би изгледало дека се во паника“, коментира за Reuters Шејн Оливер, економист од компанијата AMP.

 

Доларот силен, раст на ценитe на нафтата

А на валутниот пазар вредноста на американскиот долар во однос на кошницата валути и натаму се движи на највисоките нивоа последните 20 години.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, се движи околу 108,25 поени, како и во истиот период од денот во вчерашното тргување.

Притоа курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 137,14 на 137,95 јени, а во еден момент се проби и над 138 јени, првпат по 1998 година.

Американската валута зајакна и во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0020 долари, додека во средата во истиот период од денот изнесуваше 1,0035 долари.

Во средата, исто така, во еден момент курсот на еврото падна под еден долар, на 0,9998 долари, првпат од крајот на 2002 година. Валутата на еврозоната со денови е под притисок, поради стравувањата на вложувачите дека енергетската криза ќе ја турне тамошната економија во рецесија.

Цените на нафтата, пак, во четвртокот утрото пораснаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар порасна за 0,68 отсто, на 100,25 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапи за 0,57 отсто, на 96,85 долари.