Азиските инвеститори внимателни, фунтата стабилна

На азиско-пацифичките берзи во четвртокот се тргува претпазливо, поради загриженоста на вложувачите од економските изгледи на Кина, но и можното затегање на трговските односи меѓу Вашингтон и Пекинг поради новите обвинувања за кинеската технолошка компанија „Huawei“ за наводна шпионажа.

Индексот MSCI, на азиско-пацифичките акции, без јапонските, околу 7,30 часот во четвртокот беше во плус од 0,2 отсто. Притоа на токиската берза индексот Nikkei ослабе за 0,3 отсто, додека цените на акциите на берзите во Шангај, Хонгконг, Сингапур, Јужна Кореја и Австралија, пораснаа меѓу 0,1 и 0,3 отсто.

Азиските инвеститори не беа охрабрени од вчерашниот раст на цените на акциите на њујоршки Волстрит, при што берзанските индекси достигнаа највисоки нивоа во полседните месец дена, бидејќи во четвртокот утрото терминскиот S&P 500 индекс е во минус од 0,2 отсто, што најавува внимателно тргување на најголемата светска берза во четвртокот.

 

Забавување на кинескиот БДП и нов притисот врз Huawei

Вложувачите не беа позначително поттикнати ниту од најавите на кинеските власти за новите мерки за поттикнување, бидејќи ги очекуваат податоците за растот на втората според обемот светска економија во последниот лански квартал, кои ќе бидат објавени на почетокот од идната седмица.

Во анкетата на Reuters аналитичарите проценуваат дека кинескиот бруто домашен производ (БДП) во изминатото тримесечје пораснал за 6,4 отсто на годишно ниво, побавно од 6,5 отсто во претходниот квартал и најбавно од 2009 година. Забавувањето на растот на кинеската економија, велат аналитичарите, е последица од слабеењето и на домашната и на странската побарувачка, како и на трговските судири со САД.

А инвеститорите стравуваат и дека меѓу Вашингтон и Пекинг тензиите одново може да пораснат поради новиот притисок на САД врз кинескиот технолошки концерн во подем „Huawei“. Во средата, имено, група пратеници од двете партии во американскиот Конгрес го претстави предлог-законот со кој би се забранила продажбата на американски чипови за „Huawei“, најголемиот светски производител на електронска опрема, како и на други кинески компании за кои Вашингтон ќе тврди дека ги кршеле американските санкции или законите за контрола на извозот.

Покрај тоа, весник The Wall Street Journal објави дека американските сојузни власти ги истражуваат обвинувањата дека „Huawei“ наводно украл деловни тајни на американски компании. Тоа, според аналитичарите, може да предизвикза јакнење на тензиите меѓу САД и Кина, што би го отежнало постигнувањето трговски договор.

Вложувачите се претпазливи и поради тоа што делумната блокада на американската сојузна влада трае безмалку цел месец, што е најдолгата ваква блокада во историјата на САД. Кевин Хасет, економски советник на Белата куќа, вчера изјави дека секоја седмица од блокадата ќе го кастри кварталниот раст на САД за 0,13 отсто. А сигнали за договор меѓу претседателот Доналд Трамп и деморкатите во Конгресот за законот за буџетот уште нема.

 

Пад на нафтата, внимателноста на валутните пазари

Во четвртокот претпладнето, откако претходниот ден пораснаа, цените на нафтата паднаа бидејќи беше објавено оти резервите на нафта во САД минатата седмица пораснале повеќе од очекуваното, што би можело да укажува на слабеење на побарувачката.

Така претпладнево на американскиот пазар цената на нафтата се лизна за 30 центи, на 52 долари, додека на лондонскиот пазар со барелот се тргуваше по цена за 28 центи пониска од затворањето на тргувањето во средата, од 61,95 долари.

На валутните пазари, пак, на почетокот од тргувањето во четвртокот доминира претпазливоста на вложувачите. Во фокусот и натаму е британската фунта, откако изминатата ноќ на владата на премиерката Тереза Меј и` беше изгласана доверба во парламентот. Следат консултации за „планот Б“ за брегзитот, откако во вторникот британските пратеници со убедливо мнозинство го отфрлија планот на премеирката за излегувањето на земјата од ЕУ.

„Ви последните 24 часа не се случи ништо што би не` оддалечило од мислењето дека се движиме во насоката на одложување на брегзитот, поблагиот брегзит или дека тој воопшто нема да се случи. Но прерано е за купување фунти“, вели за Reuters Реј Ејтрил, стратег во NAB.

Претпладнево цената на фунтата во однос на американската валута стабилно се движи околу 1,2870 долари.

Во однос на кошницата валути, пак, долариот благо зајакна. Индексот кој ја покажува вредноста на американската валута во однос на шесте најзначајни валути на земјите најголеми трговски партнери на САД, се движеше утрово околу 96,16 поени, додека во истиот период вчера изнесуваше 96,00 поени.

Притоа курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 108,50 на 108,95 јени. Американската валута зајакна и во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,1385 долари, додека во средата во истиот период од тргувањето изнесуваше 1,1405 долари