Бајден ја продолжи политиката на Трамп со новите санкции против Иран

Администрацијата на новиот претседател Џо Бајден, иако најавува дека сака да ги врати САД во меѓународниот нуклеарен договор со Иран, сепак ја продолжи политиката на својот претходник Доналд Трамп, во вторникот воведувајќи ги своите првите санкции за ирански функционери со образложение за непочитување на човекови права.

Според објавата на американската администрација станува збор за „помали мерки“ со коишто се опфатени двајца припадници на Гардата на чуварите на исламската револуција, елитниот и идеолошки дел од армијата на Иран. Ним им е забранет влез и им се замрзнати сите имоти во САД поради „нивната улога во грубото испитување на затворениците“.

„Денеска во Советот за човекови права во Женева јасно ја изразивме нашата загриженост поради злоупотребата на граѓаните за коишто одговорна е иранската влада, во прв ред за незаконското држење голем број луѓе во крајно лоши услови“, наведува во писмената изјава американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

„И во иднина ќе ги користеме сите соодветени средства за виновниците за злоупотреба и за повреда на човековите права во Иран да одговараат за своите постапки“, истакнува Блинкен.

Администрацијата на Бајден го најави враќањето во договорот за иранската нуклеарна програма потпишан меѓу Техеран и шесте светски сили во 2015 година, од кој во мај 2018 година поранешниот претседател Доналд Трамп ги повлече САД. Притоа Бајден враќањето во договорот го условува со тоа Иран да ги почитува договорените обврски. Техерен веќе две години постепено суспендира некои од неговите обврски од договорот, барајќи во прв ред европските земји потписнички да ја заштитат неговата економија од американските санкции, откако со договорот беа укинати децениските меѓународни санкции.

Иран сега очекува дека новата американска администрација ќе ги укине снакциите. Сепак, Вашингтон се обврза дека и натаму ќе врши максимален притисок врз Иран во врска со други прашања, како во конкретниот пример со човековите права, што Техеран го отфрли.