Американскиот претседател од редовите на демократите Џо Бајден, ги обвини во четвртокот републиканските сојузници на неговиот претходник Доналд Трамп за „поткопување на демократијата“ во земјата и ги повика гласачите „да го отфрлат екстремизмот“ во пресрет на изборите на средината од мандатот во ноември, на кои според анкетите Републиканската партија може да ги освои двата дома на Конгресот.
Бајден обвини пратеници и други политичари кои се посветени на програмата Make America Great Again (MAGA), на чиешто чело е поранешниот претседател Доналд Трамп, тврдејќи дека тие се подготвени да ги поништат претседателските избори од ноември 2020 година кои тврдат дека се украдени во негова полза, наводно да го игнорираат Уставот на САД, и „решителни се да ја вратат оваа земја наназад“ во времето кога немаше права на абортус, приватност, контрацепција или еднополови бракови“.
„Доналд Трамп и MAGA републиканците претставуваат екстремизам кој им се заканува на самите темели на нашата република. Додека вечерва стојам тука, нападнати се еднаквоста и демократијата. Не си правиме услуга претворајќи се дека е спротивното“, рече Бајден во својот говор во Филаделфија, сметана како родно место на американската демократија, пренесуван на телевизиите во ударниот термин.
Острата реторика на Бајден покажува голем пресврт за актуелниот американски претседател како што се приближуваат изборите за Конгресот на средината од мандатот. За повеќето аналитичари, причина за тоа е и неговиот личен историска слаби рејтинг, како и предноста на републиканците во повеќето анкети.
Соработниците на Бајден, пак, се обидуваат тоа да го појаснат со тоа што претседателот бил „сѐ позагрижен поради антидемократските трендови“ во Републиканската партија, како и дека смета оти е потребно да се вклучи во годинешните избори за да го зајакне и своите шанси за реизбор во 2024 година.
Откако поголемиот дел од 2022 година се обидуваше да се справи неуспешно со високата инфлација, најголема во последните 40 години, и со војната на Украина против Русија во којашто САД активно учествуваат со оружје и други средства за Киев во износ од десетици милијарди долари, Бајден последните денови последователно ги напаѓа републиканците, особено оние во мнозинство кои го поддржуваат Трамп.
Изјавите на Бајден во четвртокот, кои се толкуваат како осуда на „политичкото насилство“ и се јасен повик за двопартиски компромис до републиканската неолиберална струја, следеа откако во говорите последните денови ја осуди MAGA како „филозофија на полуфашизам“ и ги нападна како „болни“ заканите на републиканците кон челниците на Федералното биро за истраги (FBI) поради претресот без преседан на куќата на Трамп на Флорида.
Челникот на републиканците во Претставничкиот дом, Кевин Меккарти, во четвртокот го обвини Бајден дека ги игнорира криминалот во земјата и инфлацијата за да ги критикува своите сограѓани.
„Наместо да се обиде да ја обедини нашата земја за да се решат овие предизвици, претседателот Бајден реши да ги подели, да ги понижи и омаловажи своите сонародници Американци. Зошто? Едноставно затоа што затоа што не се согласуваат со неговата политика“, рече Меккарти во Скрантон, родниот град на Бајден во сојузната држава Пенсилванија.
Организацијата за собирање пари на Демократската партија соопшти дека донаторите внимателно ќе ја следат популарноста на Бајден во следните неколку месеци за да проценат дали ќе го поддржат во претседателската трка во 2024 година. Некои веќе одлучија дека сега речиси 80-годишниот Бајден би требало да се повлече за да направи простор за ново водство, додека друга сакаат да видат дало може ефикасно да ја води партијата.
„Доколку успееме да го задржиме Сенатот, тогаш ќе има доволно гласови кои говорат дека го заслужил тоа и ќе отвори пат за повторен избор. Доколку тоа не го сториме, ќе надвладее чувството ‘додај ја штафетата’ на некој друг“, рекол за Reuters неименуван висок функционер на демократите.
Бајден во Филаделфија говореше од зад непробојно стакло и надвор од досегот на демонстрантите кои му скандираа на Трамп. Својот говор симболично го одржа недалеку од историското место каде што се усвоени американските Декларација за независност и Уставот.
Дел од историчарите и правни научници оценуваат дека влоговите се многу поголеми од самата политичка иднина на Бајден, велејќи дека слободните избори и доследноста на владеењето на правото „висат на конец“.
Според политичките коментатори, губењето на Конгресот не само што ќе ги загрози изгледите на Бајден за реизбор, туку и контролата над потврдувањето на резултатите од следните претседателски избори ќе им го препушти на симпатизерите на Трамп, од кои некои никогаш не ја прифатија победата на Бајден во 2020 година и кои поради тоа ветија ревидирање на системот за гласање кој демократот го прогласи за победник, и покрај мноштвото сведочења за неправилности и недозволување пристап на претставниците на републиканците до изборниот материјал.
Во двете изминати години по претседателските избори во ноември 2020 година, републиканските гласачи во мнозинство ги поддржуваат кандидатите кои беа на страната на Трамп, а повеќето од половината велат дека веруваат дека Трамп всушност победил на изборите.
„Нема да стојам настрана и да гледам како изборите во оваа земја ги крадат луѓето кои едноставно одбиваат да прифатат дека загубиле“, рече Бајден во Филаделфија. Го повтори, исто така, и ветувањето од кампањата во 2020 година дека ќе ја обнови „душата на нацијата“ и оти „ќе ги отфрли вредностите поврзани со Трамп“.