Посоцијална држава и даноци за богатите, така американскиот претседател Џо Бајден во четвртокот го претстави нацрт на нов буџет што изгледа како платформа за изборната кампања во 2024 година, но главните точки се чини немаат шанси да бидат прифатени од Конгресот.
Буџетот за 2024 година предвидува намалување на дефицитот за речиси 3.000 милијарди долари за десет години, објави Белата куќа. За таа цел, американскиот претседател сака да воведе минимален данок од 25 отсто за милијардерите, а тоа е 0,01 отсто од најбогатите Американци.
Бајден, исто така, сака да ја подигне корпоративната даночна стапка на 28 отсто од сегашните 21 отсто, што е сè уште помалку од 35 отсто коишто беа на сила пред реформата во 2017 година, усвоена од поранешниот републикански претседател Доналд Трамп.
Во исто време, Џо Бајден сака да ги намали трошоците што ги смета за „излишни“, а со тоа таргетирајќи ги фармацевтските и нафтените сектори („Big Pharma“ и „Big Oil“).
„Со мојот буџет, ќе бараме од богатите да го платат својот фер дел за да можат милионите работници кои придонесоа за градење на тоа богатство да се пензионираат со здравственото осигурување за кое плаќаа со години“, рече Бајден во средата навечер на Twitter.
80-годишниот претседател, кој сè уште нема официјално објавено дали ќе се кандидира за претседател во 2024 година, но се чини дека е веќе во кампањата, во четвртокот го претстави својот буџет во Филаделфија, во стратешки важната сојузна држава Пенсилванија, кога станува збор за изборите.
Бајден, сепак, нема илузии за реализација на неговите предлози. Од почетокот на годината тој повеќе не го контролира Сенатот. Во Претставничкиот дом републиканците имаат мнозинство и жестоко го бранат својот став дека нема да дозволат зголемување на даноците.
Со повеќе приходи, Бајден проценува дека за 25 години ќе може да финансира здравствено осигурување за Американците над 65 години, станува збор за програмата „Medicare”. Тој, исто така, се надева дека ќе може да ги зголеми платите на федералните службеници за повеќе од 5 проценти, пишува The Washington Post.
Сево ова ќе биде можно, како што најави Белата куќа, доколку биде намален федералниот дефицит за речиси „3.000 милијарди долари во следните десет години“. Но, републиканците редовно го обвинуваат демократот Бајден за прекумерно трошење.
Демократите и републиканците се во расправија околу уште едно важно финансиско прашање: зголемувањето на плафонот на долгот. Соединетите држави мора редовно да го зголемуваат плафонот за долгот на својата влада преку потврда од Конгресот.
Порано ова гласање беше формално, но во последните години сѐ повеќе се политизира. Водачот на републиканците во Претставничкиот дом, Кевин Меккарти, вели дека неговите пратеници нема да гласаат за зголемување на плафонот на долгот додека Џо Бајден не ги заузди јавните трошоци.
Демократот Бајден досега одбиваше да преговара и нагласи дека акумулираниот долг низ годините е одговорност што ја споделуваат двете страни. Влогот е голем, а доколку страните не се договорат, САД ќе бидат блокирани од јули.
Долгот на првата соиред обемот светска економија на 19-ти јануари достигна 31.400 милијарди долари, што е плафон над кој земјата повеќе не може да бара нови заеми од кои ќе се финансира и затоа не може да ги исплати доспеаните обврски, поради што веќе се преземени итни мерки.