Бајден и Меккарти ќе го продолжат преговорите за кревање на плафонот за долгот

Американскиот претседател Џо Бајден и челникот на републиканците Кевин Меккарти во понеделник лично ќе продолжат со тврдите преговори за кревање на горната граница на американскиот национален долг.

На двете страни им преостануваат само десетина дена за да постигнат договор и да ја спречат ситуацијата САД повеќе да не можат да ги сервисираат своите доспеани долгови. Меѓутоа, како и во минатото во таквите случаи, преговорите се многу тешки и одат бавно кон разрешување.

„Не го променив ставот, Вашингтон нем може да продолжи да ги расфрла партите коишто ги немаме. Ќе се видиме утре и ќе ги продолжиме преговорите“, објави на Twitter Кевин Меккарти.

Претседателот Џо Бајден предупреди, исто така, во твит, дека ќе го одбие договорот „кој штити милијарди долари субвенции за големите нафтени компании, додека се загрозува здравјето на 21 милион Американци, значи (договорот) кој ги штити богатите затајувачи на даноци загрозувајќи ја помошта во храна за милиони Американци“.

Бајден твитот го објави од претседателскиот авион со кој се враќаше од Јапонија каде учествуваше на самитот на земјите членки на групата Г7 и каде најави нова голема воена помош од неколку десетици милијарди долари за Украина за нејзина одбрана од Русија.

 

„Неприфатливо“

Како сите западни големи економии, а особено САД, живеат на кредити. Но американската посебност е што Конгресот мора да гласа за кревањето на границата за јавниот долг.

Годинава републиканците, кои се генерално историски против кревањето на плафонот за долгот, одбиваат да ја подигнат фамозната граница безусловно и за одобрување бараат драстични кастрења во буџетот. Демократите тоа го одбиваат, под изговор дека наводно ќе треба да кратат од социјалните давачки, а двете партии меѓусебно се обвинуваат за таквата ситуација.

Бајден во неделата остро ги критикуваше републиканците тврдејќи дека „голем дел од нивните предлози се едноставно, искрено, неприфатливи“. Тој, сепак, верува дека ќе се изнајде решение, но не навестува како тоа би било постигнато. Претходно Белата куќа објави дека нема да ги послуша републиканците, но дека ќе разговара.

Бајден ги обвини републиканците во Конгресот дека наводно би сакале САД да се најдат во ситуација да не можат да ги сервисираат своите обврски, што доколку нема договор би настапило на 1-ви јуни, за на тој начин да го спречат повторно да победи на претседателските избори во 2024 година.

Администрацијата на Бајден неодамна бараше од Конгресот да го зголеми плафонот за сојузниот долг, кој со закон е определен на 31,4 трилиони (над 31 илјада милијарди) долари. Републиканската партија, којашто ја има контролата во Претставничкиот дом, традиционално е скептична во врска со зголемувањето на лимитот и се залага за намалување на јавната потрошувачка како услов за зголемувањето на нивото на долгот.

Плафонот за задолжувањето, кој првпат е усвоен од американскиот Конгрес во 1917 година, го спречува Министерството за финансии да издава нови државни обврзници за финансирање на активностите на сојузната влада, откако ќе е достигне одредено ниво на националниот долг или ќе помине одреден датум. Надминувањето на тој плафон значи дека сојузната администрација е под закана да врши многу операции од редовните буџетски плаќања, вклучително и покривањето на различни социјални трошоци. Покрај тоа, способноста на државата да ги плаќа доспеаните долгови и камати за веќе преземените обврски може сериозно да биде поткопана.