Американскиот претседател Џо Бајден „и натаму верува во перспективите и можностите“ за палестинска држава, но „признава дека ќе биде потребно многу работа за тоа да се постигне“, изјави во петокот портпаролот на Белата куќа Џон Кирби.
Според портпаролот за национална безбедност, американскиот претседател во петокот околу „30 до 40 минути“ разговарал за својата позиција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Ова е првиот разговор меѓу двајцата челници, чии односи се прилично затегнати, од 23-ти декември, забележува AFP. Американските медиуми пишуваат дека последниот разговор меѓу двајцата лидери бил воден на 23-ти декември и дека бил „бурен“.
Американскиот претседател, меѓу другото, зборувал и за „напорите за ослободување на заложниците“ кои сѐ уште во Појасот Газа го држат палестинските милитантни групи и за „одговорноста на Израел“ да ги заштити цивилите во оваа палестинска енклава.
Бенјамин Нетанјаху во четвртокот го отфрли постојаното барање на Бајден за идниот соживот на Израел и палестинската држава.
„Израел мора да има безбедносна контрола над целата територија западно од реката Јордан. Ова е неопходен услов, што е во спротивност со идејата за (палестинскиот) суверенитет“, рече премиерот, додавајќи дека директно им кажал на Американците.
Неговиот став не е нов, но овие забелешки уште еднаш ги истакнаа разликите меѓу САД и нивниот главен сојузник на Блискиот исток.