Бајден најави дека САД ќе испорачаат помош во Газа по воздушен пат

Американскиот претседател Џо Бајден во петокот објави дека американската војска ќе започне со авионско исфрлање храна и залихи за цивилите во Појасот Газа во наредните денови, еден ден по смртоносните истрели врз Палестинците кои чекаа хуманитарна помош, што го привлече вниманието на хуманитарната катастрофа во енклавата.

Бајден рече дека воздушното испорачување на хуманитарна помош ќе се случи во наредните денови, но не откри поединости. Други земји, вклучително Јордан и Франција, веќе испратија помош во Газа, но некои од тие пратки исфлрени од воздух не завршиле на целта.

Најмалку 576.000 луѓе во Појасот Газа, четвртина од населението на енклавата, се на работ на глад, според Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања.

Здравствените власти во Газа соопштија дека израелските сили во четвртокот убиле повеќе од 100 луѓе кои се обидувале да стигнат до хуманитарен конвој во близина на градот Газа. Палестинците се соочуваат со очајна ситуација речиси пет месеци од почетокот на војната што започна со нападот на Хамас врз јужен Израел на 7-ми октомври, а израелската војска возврати истиот ден со сеопфатно бомбардирање од воздух, копно и море врз тесната енклава, а од 27-ми октомври и со масивна копнена офанзива.

Израел ја обвини за инцидентот масата луѓе собрани околу камион со помош, тврдејќи дека жртвите наводни биле прегазени. Израелски функционер, исто така, рече дека армијата подоцна истрелала „ограничен одговор“ врз масата луѓе која ја сметала за закана.

Со оглед на тоа што луѓето консумираат добиточна храна, па дури и кактуси за да преживеат, додека здравствените работници велат дека децата умираат во болниците од неухранетост и дехидрација, ОН соопштија дека се соочуваат со „огромни пречки“ во доставувањето помош.

Дејвид Дептула, пензиониран генерал на американските воздухопловни сили, кој некогаш командуваше со зоната на забранети летови над северен Ирак, рече дека фрлањето хуманитарна помош од воздух е нешто што американската војска може ефикасно да го спроведе.

„Тоа е нешто што е точно во согласност со нивната мисија. Има многу детални предизвици. Но, ништо не е несовладливо“, изјавил Дептула за Reuters.

 

Израел е „свесен“ за водздушната помош

Сепак, остануваат прашањата за ефективноста на воздушната поддршка. Американски официјален претставник, кој сакале да остане анонимен, рекол за Reuters дека воздушниот транспорт на помошта ќе има само ограничен ефект врз страдањата на населението во Појасот Газа.

„Тоа не се однесува на основната причина“, рекол цитираниот фунционер, додавајќи дека на крајот само отворањето на копнените граници може да биде сериозно решение за проблемот.

Друго прашање, додал соговорникот на агенцијата, е дека САД не можат да се погрижат помошта едноставно да не заврши во рацете на Хамас, имајќи предвид дека американската војска не е на теренот.

„Можеме да се каже дека ситуацијата во Газа сега е толку лоша што сите залихи барем малку ќе го олеснат страдањето. Но, ова во најдобар случај е само привремена мерка“, изјави Ричард Гоувен, директор на Меѓународната кризна група на ОН.

Гоувен рече и дека единствениот начин да се достави доволно помош е преку хуманитарни конвои за време на прекинот на огнот.

Останува нејасно дали најавата на американскиот претседател Џо Бајден за воздушна помош била координирана со Израел.

„Знаеме за хуманитарниот авион“, изјави израелски воен претставник во Газа.

Анонимниот фунционер не одговорил на прашањето на Reuters дали САД побарале однапред израелско одобрение за воздушен транспорт на помошта или дали е во тек координацијата со Израел.

Обединетите нации во петокот првпат по повеќе од една седмица испорачаа помош на опколената северна Газа, соопшти Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања. ОН доставиле лекови, вакцини и гориво во болницата „Ал Шифа“ во градот Газа.

Светската програма за храна (WFP) пред десет дена соопшти дека ја прекинува испораката на храна во северниот дел на Газа додека условите во палестинската енклава не овозможат безбедна дистрибуција.

Палестинската агенција за бегалци на ОН, УНРВА, во петокот соопшти дека во просек по речиси 97 камиони дневно влегувале во Газа во текот на февруари, во споредба со околу 150 камиони во јануари, додавајќи: „Бројот на камиони што влегуваат во Газа останува под целта од 500 камиони дневно“.