Бајден очекува ирански напад врз Израел и предупредува „немојте“

Американскиот претседател Џо Бајден во петокот рече дека очекува Иран да го нападне Израел „порано отколку подоцна“ и го предупреди Техеран против тоа.

Кога новинарите го прашаа дали има порака за Иран, Бајден едноставно одговори: „Немојте!“.

„Ние сме посветени на одбраната на Израел. Ќе го поддржиме Израел. Ќе помогнеме во одбраната на Израел и Иран нема да успее“, посочи тој.

Бајден додаде дека нема да открива безбедносни информации, но рече дека нападот може да се случи „порано, отколку подоцна“.

Израел во петокот се подготвуваше за напад од Иран или неговите сојузнички милиции во регионот како одмазда за нападот врз иранската амбасада во Дамаск минатата седмица, во кој беше убиен висок командант на иранската Револуционерна гарда и шест други офицери.

Земјите како што се Индија, Франција, Полска и Русија ги предупредија своите граѓани да не патуваат во регионот, кој веќе е во нагорна линија поради седуммесечната израелска војна во Појасот Газа. Во петокот Германија ги повика своите граѓани да го напуштат Иран.

Израел не ја презеде одговорноста за воздушниот напад на иранската амбасада на 1-ви април, но познато е дека израелската војска изминатата повеќе од деценија редовно изведува воздушни удари против ирански интереси во Сирија.

Иранскиот врховен водач Али Хамнеи рече дека „Израел мора да биде казнет и ќе биде казнет“ за операцијата, за која рече дека била извршена на иранска територија, имајќи предвид дека териториите на дипломатските мисии се сметаат за екстериторијалност на странсата држава во земјата домаќин.