Бајден од страв ги одложил експлозиите на Северен тек, тврди новинарот Херш

Американскиот претседател Џо Бајден поради страв го одложил кревањето во воздух на гасоводите Северен тек 1 и 2 во Балтичкото Море од јуни за септември минатата 2022 година, додека многу учесници во таа операција ја сметале за налудничава, тврди познатиот американски истражувачки новинар Сејмур Херш во интервјуто за германскиот дневен весник Berliner Zeitung.

Минатата среда Херш на својот блог објави истражувачка сторија во којашто, повикувајќи се на свои извори инволвирани во целата операција, тврди дека нуркачи на американската војска ги поставиле експлозивните направи под гасоводите Северен тек минатото лето, а три месеца подоцна нив ги детонирала норвешката војска.

„Да, тие (американските нуркачи) го направија тоа кон крајот на воените вежби (…) Но во последен момент Белата куќа стана нервозна. Претседателот рекол дека се плаши да го стори тоа. Се премислил и издал нови наредби, за можност за далечинско активирање на бомбите во секој момент“, вели Хирш.

Според новинарот кој ги следеше најголемите политички афери во САД и наградуван со најпрестижната американска Пулицерова награда за новинарство, претседателот Бајден „наредил тоа да се стори во септември“ и многу вклучени во операцијата, кои заземале „високи позициите во специјалните служби“ се спротиставиле на плановите „сметајќи го тоа за лудост“. Притоа, поради доцнењето во спроведувањето на планот, биле активирани шест од вкупно подметнатите осум експлозивни направи, прецизира Херш.

Новинарот смета дека Бајден стравувал од можното повлекување на Германија од санкциите против Русија поради нејзината војна во Украина, поради проблемите произлезени од нив, и затоа ја донел одлуката да биде организирана диверзија.

„Северен тек 2 го суспендираше самата Германија, а не меѓународните ограничувања, и САД стравуваа дека Германија ќе ги укине санкциите поради студена зима“, додава Херш.

Според Херш, кога германскиот канцелар Олаф Шолц ланскиот февруари беше во Белата куќа, Џо Бајден сѐ уште немал такви конкретни планови. Меѓутоа, кога Херш минатата седмица го објави своето истражување, повеќе медиумите потсетија на изјавата од 7-ри февруари 2022-ра, пред почетокот на руската инвазијата, во којашто американскиот претседател се закани дека доколку Русија ја нападне Украина „нема да има ништо“ од руско-германскиот гасовод Северен тек 2, но тогаш не појасни како би осигурил гасоводот кој веќе беше завршен и го чекаше последното одобрување од германскиот регулатор да не биде ставен во функција.

„Ако Русија нападне… повторно, нема да има ништо од Северниот тек 2. Ние ќе завршиме со тоа“, порача тогаш Бајден обраќајќи се на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Шолц во Вашингтон.

Во написот на Херш се наведува дека минатото лето нуркачите на американската воена морнарица, кои дејствувале под покритието на вежби на НАТО познати како „Baltops 22“, поставиле експлозивни направи на далечинско активирање кои уништија три од четирите цевководи на Северен тек 1 и 2 три месеца подоцна. Во продолжение од текстот новинарот наведува, повикувајќи се на својот извор за кој наведува дека е „осведочен“, дека авиони на воената морнарица на Норвешка на 26-ти септември исфрлиле хидролокатор кој ги активирал експлозивните направи.

Агенцијата Reuters своевремено објави дека разузнавачки авион на американската морнарица прелетал над Балтичкото Море во близина на местото на инцидентот со руските гасоводи Северен тек 1 и 2, само неколку часа по истекувањето на гасот. Разузнавачки авион на американската морнарица, кој Вашингтон го опиша како рутински лет, прелетал во близина на местото на оштетувањето на Северен тек 2 во Балтичкото Море неколку часа по појавата на првото истекување на гасот.

На крајот од ланскиот октомври беше објавено дека од 1-ви до 3-ти септември, хеликоптер на американската воена морнарица кружел околу данскиот остров Борнхолм, каде што подоцна е воочено истекувањето од цевководите. Покрај тоа, американски летала прелетале над гасоводите на 10-ти и 19-ти септември, и ноќта од 22-ри на 23-ти септември и ноќта од 25-ти кон 26-ти септември. Во сите случаи траекториите на американските воени летала упатуваат дека станува збор за извидувачки летови или прелети над конкретниот дел од акваториумот. Во медиумите беше наведено дека патеките на хеликоптерите кои извеле ноќен прелет на 23-ти и на 26-ти септември имале „збунувачки патеки“.

Од анализата на патеките во архивата на страницата за следење на летовите Flightradar24, што ја спровела руската агенција РИА, произлегува дека авионите на воените морнарици на САД и на Германија во јуни 2022-ра, во текот на воените маневри „Baltops 22“ редовно кружеле над местата на идните експлозии на гасоводите. Според податоците од порталот, германски авион за вршење надзор „P-3 Orion“ и американски за истата намена од моделот „P-8 Poseidon“ изведувале редовни прелети над таа област. Истовремено, авиони се спуштале на мали височини и речиси редовно ги исклучувале транспондерите (уреди за идентификација), па некои од траекториите на нивните летови не биле регистрирани од Flightradar.

Од првите часови по полноќ кон 26-ти септември беа објавени четири истекувања, две во данските и две во шведските територијални води, откриени на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2, со кои гасот од Русија се испорачуваше во Германија, односно на пазарот во Европа. Сеизмолошките заводи на Шведска и Данска измериле потреси со магнитуди од 2,3 и 2,1 степени по Рихтер, оценувајќи дека „веројатно одговара на експлозивен набој од неколку стотина километри тротил“.