Американскиот претседател Џо Бајден е подготвен да прибегне кон воена интервенција како последно средство за да го спречи Техеран да дојде до нуклеарно оружје, изјави американскиот специјален претставник за Иран, Роберт Мали зборувајќи во средата на форумот организиран од списанието Foreign Policy.
„Претседателот рече дека како последна опција ќе се согласи со воено сценарио, доколку тоа би помогнало да се спречи Иран да се стекне нуклеарно оружје. Сепак, сѐ уште не е дојдено времето за тоа“, рекол Мили.
Како што истакнал високо позиционираниот американски дипломат, во меѓувреме администрацијата во Вашингтон сѐ уште ја претпочита дипломатијата како најдобар начин за решавање на прашањето Иран да се здобие со способност за правење нуклеарно оружје.
Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ – IAEA), Рафаел Гроси, претходно деновиве изрази надеж дека ќе се одржи технички состанок со иранските претставници за решавање на отворените прашања. Сепак, на 17-ти ноември Одборот на гувернери на МААЕ донесе резолуција која укажува на обврската на Техеран да соработува со агенцијата во истрагата поврзана со идентификација на траги од ураниум на три непријавени локации.
Иранските медиуми објавија дека како одговор на резолуцијата на МААЕ, Техеран почнал да збогатува ураниум до 60 проценти во нуклеарната постројка Фордоу, создавајќи нови центрифугални каскади IR2M и IR4 во нуклеарните постројки во Нетанза и Фордоу, како и лансирање на нови центрифуги на тие локации, додека нема непредок во обидите за заживување на нуклеарниот договор од Виен од 2015-та Заедничкиот сеопфатен план за акција (JCPOA), од кој САД еднострано се повлекоа пред четири години.