Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека ќе има последици за Кина поради кршење на човековите права, наведувајќи дека тој разговарал на оваа тема телефонски со претседателот на најнаселената земја во светот, Си Џинпинг.
Ќе има последици за Кина – рече Бајден за време на синоќешното телевизиско обраќање на Си-Ен-Ен, како што објави Ројтерс.
Бајден одговараше на прашања во врска со муслиманското малцинство Ујгури во западниот регион Ксинџијанг, додава агенцијата.
Соединетите држави уште еднаш ќе го преземат водството во борбата за човековите права, нагласи Бајден, додавајќи дека ќе работи со меѓународната заедница за заштита на кинеските малцинства.
– Кина навистина се обидува да стане светски лидер, но за да станете тоа, мора да ја добиете довербата од другите земји. Сè додека се вклучени во активности што се спротивни на основните човекови права, тешко ќе станат лидери – оцени Бајден.