Фудбалерите на актуелниот германски првак минхенски Баерн одбраната на титулата ја започнаа со убедливата победа од 6:1 на гостувањето во Франкфурт кај Ајнтрахт, актуелниот победник во Лига Европа.
Судејќи според премиерниот настап, тимот на Јулија Нагелсман нема да го почувствува во доменот на ефикасноста заминувањето на еден од најдобрите стрелци во историјата на Баерн, Полјакот Роберт Левандовски во Барселона.
Веќе во 5 минута Џошуа Кимих од слободен удар од 25 метри го изненади домашниот голман Кевин Трао кој очекуваше нафрлување, но универзалецот на Баварците се реши директно да шутира на голот покрај единствениот играч во живиот ѕид и идеално погоди крај левата статива. По само половина час игра Баерн имаше сигурно водство од 3:0. Прво водството го удвои во 11 минута Бенјамин Павард, а својот првиот гол во Бундеслигата во 29 минута го постигна Садио Мане.
Гостите на полувремето заминаа со убедливи 5:0. Џамал Мусиала беше стрелец во 35 минута, а во 43 минута стрелец беше Серж Гнабри. За двата погодока асистираше Томас Милер кој со тоа се извади за колосалното промашување во 23 минута, кога од само неколку метри ја погоди стативата.
Во 56 минута Ајнтрахт го намали водството на гостите преку штотуку влезениот во игра хрватски интернационалец Кристијан Јакиќ, но по прегледувањето на снимката погодокот беше поништен. Сепак, во 64 минута домашните успеаја да дојдат до погодок, како што се покажа само почесниот на овој меч, преди Коло Муаини кој го совлада Мануел Ноер. Мусиала во 83 минута се погрижи Баерн да не остане без погодок и во второто полувреме за конечните 6:1.
Во саботата ќе бидат одиграна уште шест натпревари на отворањето на новата сезона во Бундеслигата: Аугбург – Фрајбург, Борусија Менхенгладбах – Хофенхајм, Бохум – Мајнц, Унион Берлин – Херта, Волфсбург – Вердер, натпревари кои почнуваат во 15,30 часот, а дербито меѓу Борусија Дортмунд и Баер Леверкузен почнува во 18,30 часот.
Во недела од 15,30 часот ќе започне дуелот Штутгарт – РБ Лајпциг, а за 17,30 часот е закажан мечот Келн – Шалке.