Балансерот ќе се укине, во Министерството за администрација 43 отсто од вработените се од етничките заедници

Министерот за јавна администрација Горан Минчев денеска, на прес-конференција, соопшти дека балансерот ќе биде укинат. Оваа дигитална алатка, како што рече, во минатото била предмет на злоупотреби.

Според Минчев, во Министерството за јавна администрација (МЈА) од вкупниот број вработени административци, 43 отсто се од етничките заедници и ова е предмет на ревизија.

Според министерот, првпат ќе се формира агенција за стручно усовршување и обука на административците, но се уште се размислува дали овој орган да биде дел од МЈА или од Владата.

-Балансерот во минатото беше предмет на злоупотреби. Имавме случаи каде етнички Македонци се пишуваа Албанци и каде етнички Албанци се пишуваа Македонци. Имавме и случаи каде припадници на други етнички заедници се пишуваа Македонци. Јас тоа можам да го конкретизирам и со актуелниот случај, согласно новата систематизација и бројот на вработени во новото МЈА каде од вкупниот број вработени кои припаѓаат на јавната администрација, 43 отсто се од етничките заедници. Балансерот како дигитална алатка ќе биде укинат. Бројките ќе се однесуваат на резидентното население согласно последниот попис во 2021 година и така ќе се применува и тоа е веќе завршена работа. Што се однесува до новото законско решение кое можеби ги засега токму овие закони што ги повлекуваме, а тоа е Законот за административни службеници, Законот за вработени во јавниот сектор ќе отвориме дебата и врз база на таа дебата ќе предвидиме законски решенија. Но, во овој момент решението е такво, објасни Минчев, одговорајќи на новинарски прашања.

„Јас имав неколку средби со синдикатите и тоа е клучно прашање што нив ги интересира, дека практично актуелното покачување од 15 проценти на платите не е доволно за нив и де факто тоа е еден од клучните проблеми. Исто така, имав неколку разговори и тоа го отворив и на Влада. Состојбата во Буџетот во овој момент е катастрофална. Затоа, отвораме една дебата во која што би сакале да дојдеме до едно компромисно решение. Во овој момент немаме пресек во каква состојба и каква кондиција е Буџетот за да разговараме за тие клучни прашања, односно конкретно за процентот на висината на зголемувањето на платите така што, разговаравме за повеќе решенија, но во овој момент тоа ќе го оставиме за дебатата што ја планираме. Всушност тоа е една од повеќето причини поради кои ги повлекуваме трите законски решенија за администрацијата. Но, не би можел со сигурност да ви кажам сега каков ќе биде исходот на тие преговори“, истакна министерот.

Новиот министер најави рационализација на работењето во јавната администрација  и на вработувањата што е постојано причина за забелешка од ЕУ. Со систематизација ќе се намалува праксата за превработеност, односно ќе се ограничи бројот на нови вработувања и  нови договори.