Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун ги предупреди денеска западните сили дека не постои воено решение за украинската криза, бидејќи Украина ја обвини Русија за започнување на голема војна на истокот на земјата.
Бан изјави дека е загрижен поради случувањата во Украина и сака да се избегне понатамошно влошување на „хаотичната и опасна ситуација на терен“ пренесува АФП.
„Знам дека Европската унија и Американците како и поголемиот дел на западни земји разговараат сериозно меѓу себе како да го решат овој проблем. Она што е важно во овој момент е дека не постои воено решение за тоа. Треба да постои дијалог за политичко решение, тоа е оправдан начин,“ изјави Бан во разговор со новинарите за време на посетата на Нов Зеланд.