Американскиот министер за правосудство, Вилијам Бар, ги обвини во четвртокот холувудските компании како „Disney“ и технолошките гиганти како „Google“ и „Apple“ дека попупуштаат пред притисоците на Пекинг.
Корпорациите како „Google“, „Microsoft“, „Yahoo“ и „Apple“ покажаа дека „и премногу се расположени да соработуваат со кинеската Комунистичка партија“, рече Вилијам Бар.
Американскиот министер за правосудство смета дека Холивуд постојано отстапува пред Кина и ги цензурира своите филмови за да ги примири кинеските власти.
„Мислам дека на Волт Дизни би му се скршило срцето кога би видел како компанијата којашто ја основа соработува со денешните диктатури“, рече Бар во говорот во преседателскиот музеј „Џералд Р. Форд“ во Мичиген.
Бар смета дека американските компании премногу лесно се согласуваат со кинеските услови во замена за пристап на нејзиниот голем пазар.
„Кинеската Комунистичка партија размислува однапред со децении и векови, додека ние сме се концетрирале на извештаите за приходите во следниот квартал“, посочи Бар и додде дека „големите американски компании дозволиле да станат пиони на кинеското влијание“.
Американско-кинеските односи изминатите години се на најниските нивоа во последните децени. Постојаните обвинувања за Тибет и Тајван, како и за третманот на малцинските муслимани Ујгури во покраината Ксиџијанг, кулминираа последните години со тензиите поради зајакнувањето на кинеското воено присуство во Јужнокинеското Море, богато со наоѓалишта на природни ресурси и важен поморски пат.
Вашингтон и Пекинг го заострија односите и поради трговската војна меѓу двете најголеми светски економии, поради американските санкции против кинескиот технолошки гигант „Huawei“ и во последните седмици поради новиот кинески закон за национална безбедност со кој е опфатена и автономната покраина Хонгконг, што САД го доживуваат како задушување на демократијата во оваа поранешна британска колонија која ужува специјален статус според договор за враќање.