Новиот капитен на Македонија, Енис Барди вели дека е горд на соиграчите по ремито против Италија и смета дека „црвено-жолтите“ вртат нов лист со овој меч.
Македонија на трет меч по ред остана непоразена против великанот Италија, вечерва избраниците на Милевски се изборија за 1-1 во квалификациите за ЕВРО 2024.
Енис Барди беше херој на мечот, маестрално погоди од слободен удар и донесе бод за „црвено-жолтите“.
„Тежок меч против фаворит и голема репрезентација. Долу на теренот ми изгледаше како ние да имавме повеќе шанси. Добро се браневме, но примивме брз гол на почетокот од второто полувреме. Бевме деконцентрирани, сепак се вративме многу брзо“ – вели Енис Барди, кој вечерва ја носеше капитенската лента.
„Горд сум на овие момци, пред мечот многу зборувавме и работевме заедно. Горд сум што сум капитен на Македонија, горд сум на сите момци… ние сме мала земја која има многу лавови!“
„Сите ние си помагаме, јас сум капитен, но сите помагаат на тимот, Елиф, Столе, Нестор, Џани, Аце… Сите си помагами и си олеснуваме. Сакам само да продолжиме вака. Вртиме нов лист со овој меч, мора да размислуваме ментално поинаку. Мора да бидеме паметни и да знаеме кој ни е квалитетот“.