Синот на Талат Џафери првин положил правосуден испит, а потоа ги финиширал мастер студиите на Универзитетот на Југоисточна Европа. Правосудниот испит го положил во 2015-та година, неколку месеци пред завршувањето на мастерот.
Но, тоа, тврдат од Академијата за судии и јавни обвинители, каде подоцна се запишал, не е ништо спорно затоа што тогаш министерот за правда имал дискреционо право да дозволи предвремено полагање на правосуден испит. Доволно било да се поднесе обична молба до министерот и тоа го правеле и други лица, јавува ТВ Телма.
Оваа пракса е прекината по носењето на законот од 2019-та година, со кој е предвидено, да се формира комисија за полагање на правосуден испит.
Сепак, во стариот закон нема член во кој екплицитно му се дозволува на министерот да дозволи полагање на кандидат кој не ги исполнува условите.
Во член 12 стои само кој утврдува дали кандидатот ги исполнува условите.
Во истиот закон стои и пропишана казна до 3 илјади евра, доколку некој дозволи полагање на кандидат кој не ги исполнува условите.
Антикорупциската комисија само откри дека, од документацијата со која располагаат, Барлет Џафери студиите со кои се стекнал со триста кредити ги завршил по положувањето на правосудниот испит. Не им се совпаѓа потребното време од стекнувањето на кредитите до можноста да се полага правосуден испит, но се оградија дека тоа не можат да го потврдат затоа што во Министерство за правда не се чува целата документација. Од Министерството го открија датумот кога полагал правосуден испит, но се оградија затоа што ова се случувало во време на друг министер.
Тогашниот министер Аднан Јашари, вчера во телефонски разговор ни рече дека не знае ништо за случајот. Тврди дека, иако неговиот потпис стои на тие уверенија, ниту еден министер не е должен да ги проверува документите на кандидатите, а тоа не е работа ниту на комисијата пред која тие полагаат.
Коментар за ова деновиве нема ниту од синот, ни од таткото Џафери, а лидерот на ДУИ ги упати новинарите сами да го истражат случајот.