Во дербито на 29. коло на шпанската Примера, Барселона на гостински терен го совлада Атлетико Мадрид со 3:0 и по долго време дојде на втората позиција на табелата, со осум бода помалку од водечкиот мадридски Реал.
Сега без пораз во десет последователни натпревари во сите натпреварувања, Барса конечно го престигна каталонскиот сосед Жирона, пред средбата во најголемото ривалство во шпанскиот и европскиот фудбал. Дербито „Ел Класико“ се игра во април. Атлетико сега е петти со бод зад Атлетик Билбао.
Португалскиот напаѓач Жоао Феликс, позајмен токму од Атлетико, го отвори резултатот во 38. минута, пред Роберт Левандовски, додавачот за првиот гол, да го удвои водството во 47. минута. Полскиот напаѓач повторно беше додавач за младиот Фермин Лопез во 65 минута за конечните 3:0.