Во дербито од 8-т коло од шпанското фудбалско првенство во Мадрид, Атлетико и Барселона ги поделија бодовите, каталонската екипа остана непоразена но повеќе не е со максимален бодовен ефект.
Иако вообичаено Барселона имаше повеќе од играта и создаде далеку повеќе можности за постигнување гол Атлетико го делеа само осум минути од остварување на големата победа против моментално водечкиот тим во шпанското првенство, а на крајот неговите играчи грчевито се бореа и да го избегнат и поразот.
Атлетико поведе по одличниот прецизен удар од дваесетиитна метри на Саул Нихуез во 21 минута. Барселона по пропуштените шанси и стативата на Лионел Меси од слободен удар, изедначи во 82 минута кога од близина со глава погоди Луис Суарез.
Реал Сосиадад со 2:0 славеше на гостувањето кај Алавес, за скок на 7-то место на табелата. Стрелци беа Оиразабал во 77 и Елустонда во 81 минута.
Претходно во саботата Реал Мадрид многу потешко од очекувањата дојде до трите бода со малиот клуб од предградието Хетафе.
Реал во мадридското предградие допатува како апсолутен фаворит, но победија благодарејќи на голот постигнат пет минути пред крајот на мечот кога погоди Кристијано Роналдо на додавањето од Иско. Карим Бензема во 40 минута го доведе во водство Реал, а Хетафе изедначи преку Хорхе Молина со 56 минута.
„Кралскиот клуб“ сега е втор бидејќи Севилја загуби кај Атлетик Билбао со 0:1 со голот на Микел Весга во 43 минута. Реал има 17 а Севилја и Атлетико Мадрид по 16 бодови, додека Барселона пред дербито има 22 бодови.