Барселона без Де Јонг најмалку три седмици

Играчот од средниот ред на Барселона, Френки де Јонг, кој викендов го повреди скочниот зглоб, нема да може да игра најмалку три седмици, односно до следната репрезентативна пауза, изјави тренерот на каталонскиот клуб.

Холанѓанецот ја одигра секоја минута од натпреварите на Барселона во шпанската Ла Лига досега оваа сезона, пред да биде заменет во првото полувреме против Селта Виго во саботата.

„Тоа ќе биде значително отсуство за нас. Френки е клучен за нашата игра, особено со оглед на одличната форма во која се наоѓа“, им рече Чави на новинарите во понеделникот.

„Во однос на временската рамка на неговата повреда, тоа всушност ќе зависи од него, но ќе треба да процениме како се чувствува по следната репрезентативна пауза (во октомври)“, додаде тој.

Барселона гостува кај Реал Мајорка подоцна во вторникот, по што следи домашен натпревар против Севиља и натпревар од групната фаза од Лигата на шампионите на гостувањето кај Порто на 4-ти октомври. Потоа следува уште едно гостување кај Гранада во шпанскиот шампионат на 8-ми октомври пред паузата.