„Баскерфест“ во Охрид

Од денеска до 5-ти овој месец Охрид втор пат ќе биде домаќин на интернационалниот, мулти културен уличен фестивал „Баскерфест“.

Организаторите најавија дека ќе настапат 40-тина уметници, меѓу кои магионичари, кловнови, огнено шоу, музика во живо, улични танчери и други креативни активности, а за главна атракција го најавуваат одењето по жица на Крис Бул. Уличните уметници своите перформанси ќе ги изведуваат на Градскиот плоштад и плоштадот Чинар.

– Годинава во Охрид ќе настапат повеќе од 40 изведувачи, магионичари, кловнови … На обострано задоволство оваа година ќе имаме можност да уживаме во точките на светски познатиот Крис Бул, чиј перформанс е одење по жица, рече Игор Трајчески од фестивалот „Баскер фест“ вчера на прес-конференција.

Фестивалот е во склоп на манифестацијата „Бело лето“, со што официјално ќе се означи почетокот на летната сезона во Охрид.

– И оваа година како и претходната, ќе претставува комплементарен дел од програмата на „Бело лето“ и се надеваме дека со тоа ќе го надополниме целокупниот впечаток што се однесува до симболичниот почеток на летната туристичка сезона. Уверен сум дека со овие активности кои што ги подготвивме за претстојниот викенд ќе бидат доволна причина за охриѓани и сите гости и посетители да дојдат и да уживаат во перформансите и активностите кои се предвидени, истакна раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој Ѓоко Апостолов.

Како новитет за годинава тој најави дека по завршувањето на настапите, охриѓани и гостите ќе можат да се дружат со артистите во „Пивската градина“ што ќе биде лоцирана во паркот пред Центарот за култура „Григор Прличев“, каде ќе настапат повеќе бендови.

Артистот Марко Дражиќ од Нови Сад на „Баскерфест“ настапува по четврт пат, а оваа година прв пат во Охрид.

– Нашата точка е фајар шоу и можам да гарантирам дека ќе биде одличен. Ќе настапуваме три дена и се надевам дека ќе дојдете и ќе уживате во забавата, нагласи Дражиќ