Баварските конзервативци пред почетокот на преговорите за владата барат повеќе враќања на имигрантите

Баварската Христијанско-социјална унија (CSU), сестринска партија на Христијанско-демократската унија (CDU) на германската канцеларка Ангела Меркел во пресрет на преговорите во недела за формирање влада на ткн голема коалиција со Социјалдемократската партија на Германија (SPD), на коишто имиграцијата веројатно ќе биде едно од клучните спорни прашања, побара повеќе имигранти да се враќаат назад во нивните татковини.

Во петокот CSU го затвори вториот ден од нивната тридневна зимска конвенција во Зеон во Баварија. Партијата оваа година ќе излезе на регионалните избори на кои со децении уверливо победува, а на националните избори во септември доби помал процент гласови отколку на претходните избори во 2013 година.

„Спојување на интерно раселените лица во Ирак со нивните семејства, на пример во Мосул и Тикрит, веќе се случува во големи размери“, изјави за агенцијата DPA, германскиот министер за развој од CSU, Герд Милер.

„Повеќе од 200.000 внатрешно раселени лица во земјата веќе се вратиле. Би требало да биде можно и да се вратат ирачките семејства од Германија во нивната татковина. Ирак во голема мера е ослободен од Исламската држава. На многу места можно е повторно да се спојат семејствата“, додава Милер.

Ситуацијата во Сирија е поинаква, додава германскиот министер.

„Очекуваме од министерството за надворешни работи процена на безбедносната ситуација таму. Тоа уште одамна требаше да се направи за Авганистан. Врз основа на ова и таму може да се започнат подготовки за репатријација и спојување на семејствата“, смета Милер.

Миграциската политика веројатно ќе биде едно од клучните прашања во преговорите за коалицијата коишто започнуваат во недела меѓу демохристијаните и социјалдемократите. По пропаѓањето на обидот на конзервативците на Меркел да состават влада со либералите и зелените, германската јавност изврши притисок врз социјалдемократите кои претходно се откажаа од продолжување на „големата коалиција“ со Унијата CDU/CSU повторно да се вклучат во преговорите за формирање влада за да се избегне криза и повторно одење на избори. Стравувањата се дека двете најголеми партии кои во септември ги остварија најслабите изборни резултати во историјата може дополнително да загубат во полза на евроскептичната и антидоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD), која стана трета политичка сила во земјата иако првпат влезе во Бундестагот, а според последните анкети и благо го поправила својот рејтинг по озборите. Германија нема влада по завршувањето на изборите од 24-ти септември.

Во CSU се договорија за контроверзната листа со барања во врска со безбедноста и имиграцијата, кој вклучува и намалување на социјалната помош за азилантите и проверка на возраста и вистинскиот идентитет на помладите имигранти. Политиката кон имигрантите се најде во фокусот на конвенцијата на CSU на која како гостин присуствуваше и унгарскиот премиер Виктор Орбан, гласен критичар на либералните имиграциски политики на Европската унија.