
Рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин, вечерва во гостувањето на ТВ Сител рече дека против неговата земја се води „вистинска информативна војна и терор“, а земјата, според него, никогаш не била автор на лажни вести.
„Јас би сакал отворено да кажам дека против Русија се води вистинската информатива војна, дури и информативен терор. Се користат сите расположливи средства за да се дискредитира раководството на нашата земја, нејзините вооружени сили, да ни се припишат планови кои ги немаме. Нашите опоненти не се колебаат да објават лажни вести и за дејствата на руските војници, вклучително и наводното таргетирано бомбардирање на станбени квартали“, рече Баздникин.
Според него, листата на непријателски земји на Русија е реакција на постапката на другите земји кон неа.
„Досега врз Русија се спроведени 5530 рестриктивни мерки и за жал, во нив се вклучи и македонската влада. Испраќањето оружје за Украина од ваша страна го карактеризираме како неоправдан ризик за безбедноста на руските војници. Медицинската опрема е друга приказна, но ние поаѓаме од владиното соопштение“, рече рускиот амбасадор.
Тој додаде дека иако барал средба со министерот за надворешни работи Бујар Османи околу, како што вели, „руската операција во Украина“, до седми март немал никаков контакт.
-Имаме дипломатски односи и поаѓаме дека треба да зачестат контактите. Подготвен сум да се сретнам со челниците на земјата во секое време и да објаснам за сѐ околу ситуацијата во Украина, потенцира Баздникин.