Градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети, вели дека нема да ги урива трите платформи на Матка, но ќе ги одбие барањата за нивна легализација.
-Барањето за легализација на едната платформа, онаа на која функционира ресторан, е веќе одбиено, но барателите поднесоа жалба. За другите две платформи барањата се уште не се одбиени, но нема да ги одобриме. Сите имаат право на жалба до второстепената комисија и за уривање мора да чекаме да заврши целосната правна процедура. Нашата идеја беше ако има простор правно да се најде целисходно решение за Матка, во кое и платформите би функционирале како урбана опрема, рече градоначалникот Блерим Беџети.
Беџети обвини дека во Матка се вплеткани различни интереси, но не сакаше да каже чии. Рече и дека имал разговори со градоначалникот на Скопје за формирање јавно претпријатие, кое што ќе се грижи за Матка, а градоначалникот Шилегов му соопштил дека и без согласност од Општината, град Скопје сепак ќе го формира претпријатието.