Американските власти во иднина би сакале да ги повлечат своите сили од Ирак, но само под оние услови кои се сметаат за прифатливи, изјави во неделата за телевизиската мрежа Fox News, помошникот на американскиот претседател за национална безбедност, Роберт О’Брајан, додека медиумите јавуваат за нов ракетен напад врз ирачка база во која се стационирани американски војници.
Од О’Брајан беше побарано да ја коментира резолуцијата којашто ја донесе минатата неделата парламентот на Ирак со којашто се бара повлекување на сите странски трупи од земјата, како и да објасни зошто Вашингтон одбива да разговара за ова прашање со Багдад.
„Станува збор за резолуција, којашто не е обврзувачка и беше усвоена единствено од групата пратеници шиити. Сунитите и Курдите ја бојкотираа“, рече О’Брајан.
На репликата на новинарот кој констатираше дека во парламентот на Ирак „шиитите ги претставуваат мнозинството“ (впрочем како и во населението – 66 отсто), помошникот на американскиот претседател Доналд Трамп, рече само дека САД, исто така, сакаат да ги напуштат Ирак, но под свои услови.
„Како и да е, нашата цел исто така е да го напуштиме Ирак. Претседателот кажа дека ние сакаме да го напуштиме Блискиот исток. Но ние мора да заминеме под свои услови, да заминеме така што (ултрарадикалната сунитска организација) Исламска држава целосно ќе биде уништена“, рече О’Брајан, иако Вашингтон уште минатата година објави дека оваа џихадистичка организација во Ирак и во Сирија е целосно поразена.
„Ќе работиме со Ирачаните, сметаме да го напуштиме Ирак кога ќе безбеден и независен. Тоа го сакаат и Ирачаните.“, одговори О’Брајан на прашањето на какви основи САД може да ги наметнат присуството на американските војници во земјата.
Истовремено во неделата медиумите јавуваат дека била ракетирана ирачката воздухопловна воена база „Балад“, каде е сместен американски контигент, во покраината Салах ал-Дин на северот од земјата, при што биле ранети четворица ирачки војници.
„Најмалку пет ракети од системите ‘Катјуша’ од непознат извод паднаа во базата ‘Балад’ во провинцијата Салах ал-Дин, што предизвика ранување на четворица ирачки војници, од кои двајца се офицери“, рекле претставнции на вооружентие сили на Ирак.
Воени извори соопштиле дека минофрлчки проектили ја погодиле пистата во базата која се наоѓа 80 километри северно од Багдад. Истите извори додале дека повеќето американски војници веќе ја напуштиле базата „Балад“ по тензиите меѓу САД и Иран во текот на последните две седмици.
Воените бази во Ирак во кои се стационирани американски војници беа цели на ракетни и минофрлачки напади, откако ескалираа американско-иранските тензии, откако на 3-ти јануари во Багдад во американски воздушен напад беше убиен влијателниот ирански генерал Касем Сулејмани.