Белгија и Холандија пријавија случаи на повторни инфекции со коронавирусот кај излекувани пациенти

Пациент во Холандија и уште еден во Белгија повторно се заразени со новиот коронавирус, извести во вторникот холандската телевизија NOS повикувајќи се на виролози.

Веста доби значајно место во известувањата на глобалните медиуми, откако претходно семицава научник од Хонгконг извести за маж кој повторно бил заразел четири ипол месеци откако оздравел од Covid-19.

На почетокот од август и во Македонија беше објавено за пациент кој по вторпат бил заразен со коронаворусот, откако првиот пат во јуни болеста ја прележал асиптоматски и имал два негативни теста. За случајот тогаш информираше директорот на штипската клиничка болница Ален Ѓеорѓиев, кој истакна дека 46-годишниот пациентот се наоѓа на болничко лекување. Неговата состојба во вториот случај беше оценета како посериозна и затоа беше хоспитализиран на Инфективното одделение во штипската болница.

Во телевизискиот прилог на NOS вирологот Марион Кoомпанс изјави дека холандскиот пациент е повозрасно лице со ослабен имунитет. Таа рече дека познати случаи кога луѓе долго боледувале од вирус за потоа тој да се разгори.

Меѓутоа, вистинската реинфекција, какви што се забележани во холандскиот, белгискиот и хонгконшкиот случај, бара генетско тестирање на вирусот во првата и во втората инфекција, за да се види дали вирусите се разликуваат.

Коомпанс, којашто е здравствена советничка на холандската влада, вели дека повторните зарази се очекувани. Таа вели дека треба да се утврди дали тоа се случува често.

Белгискиот пациент имал благи симптоми, рекол за NOS вирологот Марк ван Ранст, но додал дека „тоа не е добра вест“,. Според него, овој случај покажува декa антителата кои пациентот ги развил во текот на првата изложеност на вирусот, не биле доволни за спречување на втората инфекција со малку поинаква варијанта на вирусот.

Ван Ранст, исто така, вели дека не е јасно дали ваквите случаи се ретки или има „многу повеќе лица кои би можело да се заразат повторно по шест или седум месеци“.