Белгија обвини четири лица во корупцискиот скандал во Европскиот парламент

Потпретседателката на Европскиот парламент, Ева Каили

Белгиски судија подигна во неделата обвинение против четири лица поради примање пари и подароци од една земја во Персискиот залив со цел да се влијае врз одлуки на Европскиот парламент, обвинувања кои наводно предизвикаа зачуденост во Брисел.

Во петок во Брисел беа уапсени пет лица по спроведувањето на најмалку 16 претреси поврзани со истрагата за тоа дека една заливска земја платила значителен износ во пари за на тој начин да влијае врз одлуките на пратениците во Европскиот парламент.

Првично беа приведени шест лица, четири се обвинети а две се ослободени од притвор, соопшти обвинителството во неделата. Но засега не е потврден идентитетот на ниедно од обвинетите лица, како и на ослободените.

Обвинителството соопшти дека со месеци наназад постоеле сомневања дека заливска земја се обидува да влијае на одлуките на европарламентарците. Извори запознаени со истрагата, изминатите денови изјавуваа дека станува за Катар, каде што во моментов се одржува Светското фудбалско првенство. Катарските власти ги негираа обвинувањата за вмешаност во европскиот скандал.

Една од потпретседателките на Европскиот парламент, Ева Каили,, ги загуби своите овластувања поради поврзаност со истрагата за корупција во Брисел. Каили, грчка европратеничка, беше уапсени во петокот во Белгија заедно со другите осомничени за подмитување.

Веднаш не беше јасно дали Каили е една од обвинетите во случајот. Нејзиниот кабинет не одговарал на телефонските повици од медиумите, ноти одговарал на електронските пораки со барање да го коментира случајот. Но владејачката грчка социјалистичка партија ПАСОК во меѓувреме соопшти дека ја исклучиле Каили од членството, што се толкува како потврда на информациите за нејзината вмешаност.

Обвинителството во Брисел, исто така, соопшти дека бил претресен домот на уште еден европратеник во саботата, но повторно не објави за кого станува збор. Членот на Белгиската социјалистичка партија Марк Трибења потврди дека станувало збор за неговиот дом и дека му се одземени компјутерот и мобилниот телефон.

Еврокомесарот за економија Паоло Џентилони изјави за италијанскиот телевизиски канал RAI 3 дека станува збор за „многу сериозен“ случај.

„Доколку биде потврдено дека некој земал пари за да се обиде да влијае на мислењето на Европскиот парламент, тоа ќе биде една од најдраматичните корупциски приказни изминатите години“, додава Џентилони.

Европскиот парламент следнава седмица би требало да гласа за предлогот за продолжување на безвизните патувања во Европската унија за граѓаните на Кувајт, Катар, Оман и Еквадор. Некои пратеници поради скандалот предложија одложување на дискусијата и гласањето.