Белоруската воздушна одбрана уништи неколку објекти лансирани од Украина над нејзина територија во петокот вечерта, најверојатно беспилотни летала, изјави во саботата белорускиот претседател Александр Лукашенко.
Според Лукашенко, „околу десетина“ објекти го нарушиле белорускиот воздушен простор во источниот регион Могилев на границата со Русија, што го натерало Минск да ги стави своите воздушни сили и противвоздушната одбрана во состојба на готовност.
„Во 18 часот и 4 минути на височина од еден ипол километар и од далечина од 6,5 километри, противвоздушните сили уништија неколку цели над територијата на Белорусија. Во текот на ноќта и утринава продолжува потрагата по уништеното“, рече Лукашенко во видеото што го објави државната новинска агенција Белта.
Додаде дека други објекти „преминале“ во Русија и подоцна биле уништени во близина на рускиот град Јарослав.
Руското Министерство за одбрана претходно во саботата објави дека руските сили пресретнале шест беспилотни летала во регионот Јарослав.
„Не разбирам зошто тоа не го сфаќаат, но ние, како што реков, јасно го дефиниравме со нив (Украина) и им ја пренесовме оваа информација дека сите провокации нема да останат без одговор“, додаде Лукашенко на состанокот со своите соработници од одбраната во повтореното обвинување дека украинските сили изведуваат последователно погранични провокации и инциденти.
Белорускиот челник рече и дека „Ова уште еднаш покажува, дека треба неуморно да работиме … и да дадеме соодветни резултати за да го избегнеме она што се случува денес во Украина“.