Белоруските власти ги укинале акредитациите на новинарите од неколку странски медиуми пред новите големи протести на опозицијата, кои ги оспоруваат резултатите од претседателските избори на 9 август.
Портпаролот на белоруското Министерство за надворешни работи, Анатолиј Глаз изјави дека одлуката е донесена врз основа на препораката на Меѓуресорската комисија за борба против екстремизмот и тероризмот.
Тој не рече колку новинари биле погодени од мерката, но странските медиуми, вклучувајќи ги Би-Би-Си и Радио Либерти, пишуваа за одземање на акредитациите за неколку нивни новинари.
“Белоруското Министерство за надворешни работи ме повика и ме извести дека мојата и акредитацијата на еден мој колега се повлечени, а ние сме дописници на Би-Би-Си. Тие ме замолија да ја вратам прес- картичката “, изјави новинарот Татјана Мелничук за АФП.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, се соочува со невидени масовни протести, кои траат по спорните избори на 9 август. Лукашенко освои 80 гласа, а опозицијата смета дека тие резултати се лажни.
Опозицијата, предводена од Светлана Тихановскаја, која од страв избега во Литванија, организира два големи протести на 16 и 23 август и планира утре да одржи уште еден голем митинг.
Резултатите од претседателските избори беа одбиени и од Европската унија, која подготвува санкции против високи претставници на белоруската влада. ЕУ го повика Александар Лукашенко да води дијалог со опозицијата, но тој одбива да направи никакви отстапки и го осудува „заговорот на Запад“ и вели дека имаат намера да го симнат од власт.
Првите протести организирани во Белорусија по изборите на 9 август беа насилно растурени, при што загинаа три лица, десетици беа повредени и беа уапсени повеќе од 7.000 демонстранти.
Новинарите кои работат во Белорусија се под притисок и апсења.