Белоруските војници ја завршија обуката за користење на тактичкиот ракетен систем „Искандер“

Белоруските воени единици се вратија во своите бази во Белорусија во саботата откако на полигоните во Русија го увежбуваа користењето на тактичкиот ракетен систем „Искандер-М“ кој може да лансира проектили со нуклеарни боеви глави, соопшти белоруското министерство за одбрана.

Веста за завршувањето на обуката е објавена точно четири седмици откако рускиот претседател Владимир Путин потврди дека по барање на неговиот белоруски колега по должност Александр Лукашенко руската војска ќе размести тактичко нуклеарно оружје во Белорусија.

Лукашенко тогаш во белорускиот парламент објасни одлуката да го прифати руското тактичко нуклеарно оружје по повеќегодишните притисоци од САД и нивните сојузници во НАТО на нејзините граници кои континуирано преземаат акции за промена на политичката и геополитичката насока на земјата.

На почетокот од февруари Белорусија објави дека нејзините сили самостојно ги контролираат мобилните ракетни системи „Искандер“, кои Русија ѝ ги испорача во 2022 година. Но кога на 4-ти април белоруските војници беа испратени на руските полигони поради дополнителна обука, Минск соопшти дека тоа вклучува „одржува и користење на тактичките нуклеарни боеви глави за ракетните одбранбени системи Искандер“. Покрај тоа, истовремено на руските воени полигони се увежбуваат белоруските пилоти на борбени авиони кои се вооружени со тактичко нуклеарно оружје.

Русија не прецизираше кога ќе го размести тактичкото нуклеарно оружје во Белорусија, кое не се смета за полно нуклеарно оружје, но Путин рече дека градењето на складиштата за тоа оружје треба да бидат завршени до почетокот на јули.

Кога проектилите со нуклеарно боеви глави за ракетниот систем „Искандер-М“ ќе бидат разместени во Белорусија, тоа ќе биде првото распоредување на рускиот нуклеарен арсенал надвор од границите на земјата по распадот на Советскиот сојуз во 1991 година. Путин на почетокот од април во врска со тоа рече дека Белорусија долго време се обидува да постави руско нуклеарно оружје на своја територија и додаде дека Москва „го прави она што САД го прават цела деценија“, алудирајќи на распоредените американски нуклеарни проектили во Европа и Турција.