Бени Ганц ќе ја составува израелската влада

Поранешниот генерал Бени Ганц доби мандат за состав на новата влада на Израел , од што вчера се откажа досегашниот премиер Бенјамин Нетанјаху.

По нерешени изборни резултати во април и во септември, ова е првпат од 2008 година на некој друг освен на 70-годишниот Нетанјаху да му се даде задача да се обиде да состави влада.

Лидерот на партијата „Сино-бело” , Ганц сега има 28 дена да ја заврши задачата што му е доверена од претседателот Реувен Ривлин.

Отпрвин, Ривлин му го довери мандатот на Нетанјаху, лидерот на централно-десничарската партија Ликуд, кој беше премиер на Израел уште од 2009 година. Но, Нетанјаху го врати мандатот во понеделникот затоа што не успеа да собере мнозинство и рече дека сторил се за да го вклучи Бени Ганц и да формира влада за национално единство за да се избегнат трети избори годинава.

Нетанјаху се соочува со бројни обвиненија за корупција, поради што 60-годишниот Ганц рече дека нема да учествува во владата, чиј премиер е обвинет за корупција.

Иако бил началник на Генералштабот на израелската армија од 2011 до 2015 година, Ганц , нема лесно да обезбеди мнозинство и доколку тој не успее да го стори тоа, најверојатни се нови парламентарни избори, трети годинава.

Ганц има поддршка од 54 пратеници, седум помалку од парламентарното мнозинство.

Ликуд освои 32 места на изборите во септември, од вкупно 120, а партијата на Ганц 33.