Берлин предупредува формирањето војска на Косово да не се злоупотребува за ескалација на состојбата

Германија ја поддржува трансформацијата на Косовските безбедносни сили (FSK) во војска на Косово, но повторува дека смета оти овој процес не треба да биде избрзан и треба да е сеопфатен, со вклучување и на немнозинските етнички заедници, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во писмена изјава за приштинскиот весник Koha Ditore пред утрешното гласање во Собранието на Косово за трансформацијата на FSK, германската амбасада во Приштина вели дека Берлин смета оти Косово треба да има своја војска, но оти процесот треба да се изведе внимателно.

„Германската позиција, како што изјавивме и порано, е дека Косово, како независна држава, има право на свои вооружени сили. Ние нагласивме дека овој процес не треба да биде избрзан и треба да биде сеопфатен, посебно во однос на немнозинските заедници“, се вели во соопштението на германската амбасада.

Пакетот закони со кои FSK се трансформира во војска, амбасадата ќе го анализира откако ќе биде усвоен во Собранието, но порачува дека таа иницијатива не смее да се злоупотреби од ниедна од страните во односите меѓу Косово и Србија.

„Како и во однос на сите други легислативни чинови во Собранието на Косово, ние ќе ги анализираме соодветните закони откако тие ќе бидат усвоени. Тоа е причината поради која ја поддржуваме натамошната тесна соработка со НАТО во процесот на трансформацијата. Најважно е усвојувањето на законите да не се злоупотреби како претекст за натамошна ескалација од ниедна од страните во односите меѓу Белград и Приштина“, се вели во изјавата на германската амбасада во Косово.

За утре во Собранието на Косово е закажана седница на која ќе се гласа за пакетот закони со кои FSK практично се трансформира во војска на Косово.