Берлускони ја обвинил ЕУ за заговор против него

Поранешниот италијански премиер ги повторил обвиненијата дека на врвот на економската криза во еврозоната во 2011 бил буквално избркан од функцијата со заговор на функционери на Европската Унија, пренесува Ројтерс.

Берлускони ги засили нападите кон креаторите на поитиките во ЕУ во текот на кампањата за Европските парламентарни избори, охрабрен од анкетите кои покажуваат зголемено незадоволсттво кај многу Италијанци од ЕУ.

На помалку од две недели пред одржувањето на изборите на 25 мај, неговата партија Форца Италија е на третото место во анкетите со околу 20 отсто зад левичарската Демократска партија на премиерот  Матео Ренци.

Италијанските медиуми неодамна објавиле извадоци од новата книга на поранешниот американски министер за финансии Тимоти Гајтнер, кои откриваат дека функционери на ЕУ ѝ се обратиле на американската влада со предлог план да се натера Берлускони да поднесе оставка.

„Тие од нас побараа да не го поддржиме одобрувањето на кредитот на Меѓународниот монетарен фонд на Италија сѐ додека Берлускони одбива да поднесе оставка“, напишано е во книгата на поранешниот американси министер за финансии.

„Новостите за заговорот претставуваат исклучително сериозна вест, која го потврдува она што јас го зборувам подолго време“, изјавил Берлускони во интервју за италијанската државна телевизија.

Берлускони, 77-годишниот милијардер, медиумски тајкун и лидер на најголемата италијанска партија од десниот центар, често ги обвинува властите во Брисел и претседателот на Италија Џорџо Наполитано за организирање „преврат“ во 2011. Берлускони лани беше осуден за затајување данок и во моментов отслужува казна со општествено корисна работа.

Берлускони поднесе оставка во ноември 2011 година по неколкумесечните  тензии на финансиските пазари предизвикани од стравувањата дека инвеститорите може да одбијат да купат италијански обврзници, што ја турна  третата по големина економија во еврозоната во пад.

Владата на Монти воведе серија мерки за штедење со цел враќање на довербата во пазарот, но не успеа да го запре стрмоглавио пораст на јавниот долг на Италија и го заврши својот мандат длабоко непопуларен кај обичните гласачи.

Наполитано ваквите обвиненија на Берлускони за заговор против него, ги нарекол „димна завеса“ за прикривање на криминалот.