БЕСА резервирана, АА бара осум – нема која да го гласа предлогот за една изборна единица

Какви се шансите предлогот на групата пратеници за воведување на една изборна единица да помине во Собранието? Гласот на 61 пратеник плус Бадентерово мнозинство е потребно за промена на Изборниот законик, а досега мал е бројот на пратеници кои дадоа поддршка за предлогот.

Ова го отвора прашањето кој би ги обезбедил потребните гласови за предлогот?

Од пратеничката група на СДСМ велат дека се уште ги разгледуваат предлозите и немаат дефиниран став околу измените што се предлагаат. Но, социјалдемократите остануваат на нивните заложби за една изборна единица како нивно предизборно ветување.  Но, без помалите партии и без ДУИ, кои се против менувањето на изборниот модел, сепак го немаат потребното мнозинство.

Денеска и БЕСА изразија резерва во однос на промена на изборниот модел. Претседателот Билал Касами вели тие се за отворени кандидатски листи, но не веруваат дека една изборна единица е вистинското решение.

Од Алијанса за Албанците се залагаат за воведување на осум изборни единици наместо досегашните шест.

За ВМРО ДПМНЕ нема дилеми дека  на само неколку месеци пред избори не треба да се влегува во измени на изборниот модел. Но, и доколку се менува во опозициската партија сметаат дека новиот модел треба да биде мнозински со 120 изборни единици.

Ваквите позиции на парламентарните партии не остава големи шанси за предлогот на пратениците да биде изгласан во пресрет на предвремените парламентарни избори договорени да се одржат на 12-ти април догодина.