Бесими: Владата сѐ уште не донела одлука за намалување на ДДВ за струјата

Владата сè уште нема донесено одлука за воведување на еколошка такса и за намалување на ДДВ-то за струјата, но се прават сеопфатни анализи во поглед на владината еколошка агенда за зелена транзиција, инвестирање во обновливи извори на енергија и создавање на Еколошки фонд, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими, одговарајќи на новинарско прашање дали со ребалансот на Буџетот е предвидено воведување на еколошка такса од четири денари и намалување на ДДВ-то за струја од 18 на пет проценти и како тоа ќе се одрази на Буџетот.

-Не се работи за зголемување на акцизи, туку за еколошки такси, меѓу кои се опфатени и нафтените деривати. За оваа мерка Владата сè уште нема донесено одлука. Тоа е агенда усвоена во ЕУ, тоа е Париската агенда за зелен раст, а исто така и делот на зелената агенда на Западен Балкан што минатата година во октомври исто така беше усвоена и препорачана од страна на ЕУ. И ние сме ја прифатиле како Влада. Откако ќе се направат сеопфатни анализи, ќе следат консултации со стопанските комори, како и со другите чинители кои се засегнати со мерка, а потоа ќе донесеме одлука. Исто ќе постапиме и во однос на намалувањето на ДДВ-то за струјата. Ние ги следиме трендовите и барањата на граѓаните, а по анализите и дискусиите со опфатените со мерката, ќе донесеме одлука – рече Бесими.

Тој не потврди дали овие мерки ќе се најдат во ребалансот на Буџетот и ќе почнат да важат од 1 јули.

-Сѐ уште немаме донесено одлука на Влада – потенцира Бесими.

Во однос на тоа колкав ќе биде јавниот долг и дали тој до крајот на годината ќе изнесува 64 отсто од БДП и ќе достигне осум милијарди евра, Бесими рече дека до крајот на годината се предвидува државниот долг да биде 52,3 отсто од БДП, а јавниот долг 62,4.

Тоа го објавивме минатата недела кога се донесе Фискалната стратегија и Стратегијата за јавен долг. Но, во исто време, има план за фискална консолидација на среден рок, односно како долгот да се врати 2026 да се врати на нивото под 60 отсто од БДП. Тоа што сега се случува е разлутат на глобалната економска криза предизвикана од пандемијата со Ковид-19. Во сите земји има зголемување на буџетскиот дефицит и на јавниот долг. Има држави каде што долгот е значително зголемен. Тоа што го предвидуваме во следниот период е, покрај заздравувањето на економијата, да имаме и забрзан економски раст, со еден инвестициски план, вели Бесими, додавајќи дека целта е со забрзан раст во наредните пет години да се постигне просек од пет отсто на годишно ниво.