Во Македонија живееме во бесмислена реалност. Сите ние имаме психолошки одбранбен механизам за да наметнеме значење на реалноста. Ако сме слабо образовани за реалноста ќе креираме објаснување што ни е логично, а потоа ќе ја споделиме нашата заблуда со другите како начин да рационализираме дека сме во право. Ова не е проблем кога популациите на заедничките заблуди остануваат мали, но кога тие ќе пораснат многу, тоа станува доста опасно. Историски гледано, ниту еден заблуден систем никогаш не ја објаснил правилно реалноста. Ние ги живееме заблудите на политиката и глупостите на политичарите. Во целата историја на светот постоел само еден систем кој се обидува да ја разбере реалноста на доследен начин, а тоа е науката. Науката е систем на истражување на реалноста, а не систем на филозофија или верување. Науката е проучување на реалноста со консензус. Луѓето проучуваат аспект на реалноста, создаваат хипотеза, создаваат повеќе експерименти, собираат податоци и на крајот предлагаат теорија која се споделува низ целиот свет, каде што други научници ќе ја тестираат таа теорија. Ако секој создава експерименти кои ја потврдуваат теоријата, теоријата се смета за вистинита за сите. Можеби така е во светската наука. Освен кај нас.
Очигледно во Македонија „албанската наука“, како посебна гранка на светската наука, има проблем со зборот теорија – следбениците мислат дека тоа значи хипотетичка идеја. Како што е нивната идеја за албанска академија на науките. За нив тоа не значи предложено објаснување за тоа како функционира реалноста за да се тестира. Теориите стануваат вистинити по долгогодишно постојано тестирање. Теоријата на гравитација или теоријата на еволуција или теоријата на релативност, сега се сметаат за факти за реалноста, бидејќи тие одржуваат децении или векови на конзистентна експериментална валидација. Можеби албанската терорија и наука е нешто друго, штом имаат потреба да ја затворат во своето етничко трло. Дали преку идејата за отворање на албанска академија на науките албанските научници и интелектуалци се сомневаат во универзалноста на науката и сметаат дека може етнички да ја обојат? Или пак ја сметаа науката во Македонија за премногу арогантна за нивниот етнички дискурс? Кој знае, можеби веруваат дека науката е конзистентна само за Mакедонците, и дека тоа не е единствениот систем што ја објаснува реалноста на доследен начин? Затоа преку академијата нудат свој, зашто Бадинтер е тешко применлив во конципирањето на МАНУ. Можеби да се потрудеа повеќе можеа да не’ изненадат и ќе ни понудеа ново објаснување за тоа како функционира науката по Бадинтер во Македонија.
Причината за постоење на две академии на науката во Македонија би бил добар пример за огромен конфликт меѓу науката и етничката припадност, затоа што таа влијае реалноста да се објасни поинаку. Всушност, науката ја објаснува реалноста на еден начин, а албанскиот етникум нуди објаснување на реалноста на еден единствен начин, нормално неконзистентен. Се разбира, „албанската наука“ како етничка противтежа на науката се судира со други мисловни системи како што се логиката, филозофијата и математиката, но зарем тоа да биде пречка за деетнизација на науката во Македонија. Секој човек со добро образование во науката и психологијата ќе разбере дека етнички ориентираната наука е механизам за ментално справување во главите на луѓето. Непријатната реалност е дека научниот ум мора да живее со масата луѓе полни со заблуди. Заблудените луѓе имаат неконзистентни ставови за реалноста и се обидуваат да ги наметнат на другите заблудени верници и неверници. Ова значи дека е многу тешко да се има доследен поглед на реалноста од сите луѓе кои живеат во неа. Посебно не можете да го барате тоа од луѓе кои се затворени во својот етнички свет.
Заблудата која ми се сервира во Македонија со формирање на некаква си албанска академија на науките буди чувство дека науката сепак е моќна алатка за разбирање на реалноста, но во случајов, без разбирање како функционира науката. Таа е обид да се создаде лажна наука со цел да се оправдаат политичките заблуди, не разбирајќи дека теориите треба да бидат научно тестирани, а ваквите, верувајте, секогаш пропаѓаат. Сум слушнал за луѓе што добиле докторат за да можат да тврдат дека се научни во нивните напади врз науката. Тажниот факт е дека од заблудите исклучително тешко е да се избега. Многу тешко е да се прифати дека реалноста нема значење, дека сме смртни, а нашите животи се подложени на каприците на случајноста. Како овој на политичките партии на Албанците во Македонија. Барем со албанската академија на науките сме на добар пат да бидеме сведоци како политиката ја тестира науката во реалноста. Што е уште еден од начините на живот во нашиот бесмислен универзум. Албанските политичари ни понудија нов и освежен начин како да ја игнорираме реалноста која не ни се допаѓа, и какво ќе биде општеството ако почнеме да ја гледаме реалноста низ етничка призма и ги прифатиме политичките заблуди во науката. Албанската академија на науките во Македонија, како фикција, е бегството што луѓето го следат кога се откажале од науката, но не сакаат да работат за да ја разберат таа иста наука.
Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес