Бесплатни, но неквалитетни сензори за дијабет – болните се жалат дека мораат на приватно да ги купуваат

Малата Јана Костадиновска има дијабет Тип 1. Сензорите кои државата им ги дава за мерење на гликемија во крвта се неквалитетни и траат по три дена, наместо две недели. Костадин Костадиновски татко на 11 годишното девојче вели дека поради тоа мора самите дополнително да ги набавуваат со што месечно ги чини и над 100 евра. Сензорите ги олеснуваат проблемите кои ги носи дијабетот, а така и полесно се контролира. Состојбата на децата може да се следи и преку смарт телефоните.

„Па еве го сензорот што ни е од државата, значи тие треба да траат 14 дена, нас ни траат по 3 дена по 4 дена. Трансмитерот го полниме и 3 дена трае, повеќе не ни траел сензор, а треба 14, ни даваат за 14 дена, значи 12 парчиња за 6 месеци кои ние фактички ги трошиме за две недели.  Приватно што си ги купуваме, тие си тераат. Има убави сензори по 50 евра и тие си тераат точно 14 дена“, вели Костадин Костадиновски.

Таткото на Јана вели дека дијабетесот кај неговата ќерка случајно го откриле и оттогаш почнале грижите и непроспиените ноќи. Малата Јана храбро се справува со болеста и вели дека не и тешко, но најмногу и недостасува да јаде благо. Таа сега е 5-то одделение, вели и на училиште нема некакви проблеми со другарчињата.

„Немам, никој не ме навредува и си терам како порано. Малку ми е потешко, да, ми се јаде малку благо, но пак си поткаснувам“,, вели Јана Костадиновска.

Од Сојузот на здруженијата на дијабетичари денеска кај Школка во Градскиот парк беше организиран едукативен настан, но и можност лицата да си го измерат шеќерот.  Димче Велев, претседател на Сојузот на дијабетичарите вели дека во регионот Македонија е на најниски гранки во однос на грижата на државата за болните со дијабетес.  Бараат набавката на сензорите но и другите помагала како на пример ленти и глукомери да се набавуваат на отворен пазар а не на тендер.

„Нашето барање генерално и главната цел на сето делување е сите Тип 1 да добијат сензори, Тип 2 да добијат сите и нова терапија. Ние на позитивната листа, цело време кажуваме добиваме само два лека, другите сите си ги купуваме приватно веќе 7-ма година. Позитивната листа, доколку се смени по нивните критериуми, државата што ги објави ние ќе имаме уште 7 или 8 лекови кои што сега ги купуваме, треба да ги купуваме преку Фондот“, вели Димче Велев.

Сензорите почнаа да се даваат во ноември минатата година и засега со нив се опфатени деца и млади лица до 18 години со дијабетес Тип 1, како и за бремените и оние кои имаат потешки болести.