Со давање исказ на владиката Пимен Илиевски, предложен како сведок од обвинетиот Богдан Илиевски-Бетмен, во Кривичниот суд почна денешното рочиште за настаните од 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија.
Тој беше првиот сведок на одбраната , а одговараше на прашања за неговата улога во ,,Шарена револуција“ и за пријателството со обвинетиот Богдан Илискеи.
Владиката Пимен објасни дека пријателството со обвинетиот Богдан Илиевски, траело веќе неколку години наназад. Тој кажа дека Бетмен е негово ,,духовно чедо“ и дека често се исповедал кај него.
Отец Пимен кажа дека се сретнал со обвинетиот Богдан и на 28 април и дека му кажал оти треба да си го вратат угледот и дека намерата не им била да се влезе во Собранието.
За случувањата на 27 април отец Пимен рече дека можеби се работи за насилен ден, но дополни дека насилството не било намера на движењето „За заедничка Македонија“.
Владика исто така кажа дека често му лепеле етикети дека е ,,Шарен владика“, но, иако ги поддржал протестите, рече дека никогаш не бил член на Шарена револуција.
За протестите за Заедничка Македонија, пак, Пимен посочи дека бил малку изненаден што го видел Богдан меѓу оние луѓе што секојдневно се појавуваа таму и покрај тоа што ја знаел неговата искрена убеденост.
Во текот на тие 60-тина дена додека траеше тоа, секое мое враќање во Македонија често знаевме да се видиме, после протестите да седнеме на вечера и да дебатираме околу нивните ставови или моите – рече владиката наведувајќи дека Бетмен немал намера учеството во протестите да го валоризира за добивање на материјална корист или напредување во кариерата.
– Особено интересно беше размислувањето околу крајот на протестите. Мое размислување и на неколку наши заеднички пријатели беше тоа дека нема да трае бесконечно, дека со текот на времето ќе се намалува заинтересираноста на луѓето и што после тоа. Убедувањата на Богдан беа дека ќе се трудат со креативноста на протестите да ја задржат заинтересираноста и дека нивно крајот размислување е дека нема да се премислат додека не дојде можност да се преговара за избори. Никако не стануваше збор за некакво насилство – сведочеше владиката.