Бетонизацијата на Карпош го врати во СДСМ, дали Стевчо тргува да не лежи робија?!

Актуелниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, вчера објави дека ја раскинува коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ во општината. Оттука се појавија голем број на прашања за што всушност се работи. Од опозицијата веднаш објаснија дека ВМРО-ДПМНЕ е пред се’ партија која нема да поддржи некој да профитира на грбот на граѓаните и дека нема да ја подржат бетонизацијата на Карпош која всушност е личен интерес на Јакимовски и неколку бизнисмени, многу блиски до него уште од претходно додека седеше во градоначалничката фотеља.

ВМРО-ДПМНЕ не е пријател на градежната мафија и никогаш нема да биде сојузник на бизнисмени кои сакаат да профитираат на грбот на народот и на животната средина. Прес-конференција на градоначалникот Стевчо Јакимовски е реакција на цврстите заложби на Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, по ниедна цена да не се дозволи понатамошна бетонизација на Карпош на штета на зелениот простор во општината, изјави Роберт Велјановски советник од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Карпош.

Велјановски исто така кажа дека Јакимовски наместо да се сврти кон граѓаните, нивните потреби и барања за почист Карпош, со повеќе зелени површини и содржини за рекреација, тој одбра да продолжи по стапките на неговиот претходник Стефан Богоев. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ не одобрија неколку обиди на Јакимовски за вцртување на згради на различни локации низ Карпош, кои освен за интересот на бизнисот не му служат никому. Јакимовски и покрај нашите бројни апели за прекин на бетонизацијата продолжува со намерите да штанца градежни дозволи. Јакимовски и денес сакаше да помине нов ДУП со 7 нови згради во Злокуќани, како и претходните негови обиди за усвојување на ДУП-ови со нови згради, така и за овој Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не даде поддршка на планот и на седницата и истиот не беше усвоен, додаде советникот Велјановски.

Одлуката на Јакимовски наиде на остра критика и меѓу граѓаните. Тие ваквите чекори на Стевчо Јакимовски ги поврзаа со бизнис интересите на неколку градежни компании кои имаат желба да продолжи бетонизацијата во Карпош. Други пак ова го поврзуваат со силен притисок на власта која успеала да го уцени Јакимовски на ваков чекор поради кривичната пријава која ја имаше поднесено СДСМ и судските процеси против него за работењето во претходниот мандат и затоа јавноста прашува дали со ова тој ја тргува својата слобода, односно дали тргува да не лежи робија?

ФОТО: Киро Попов/kolektif.mk