„Не постои друг начин како да се обезбеди поевтина струја во овој момент, освен по пазарната цена на берзите, поради големата флуктуација на цените“.
Ова го изјави претседателот на Македонската енергетска асоцијација, МЕА, Кочо Анѓушев, според кој: „Никој не се осмелува да даде фиксна цена за подолг временски период и таквата состојба ќе продолжи и во одреден период. Се додека практично не се создаде ситуација во која ќе може да се нуди електрична енергија од сопствено производство. Само производителите можат да дадат гарантирана фиксна цена во одреден период, се друго е проблематично“, вели тој.
Според неговата изјава, како што пренесува Стопанската комора на Македонија, македонската економија троши 400 мегавати електрична енергија годишно. Доколку некој сака да обезбеди годишна цена или да има годишни договори на една година, со фиксни цени, единствена можност е тоа да се направи преку берза.
„Но, за да се работи преку берза,потребно е да се купи струјата за година дена однапред. Мора да сме свесни дека, за нашата економија, да може некој да ја гарантира цената или да ја кредитира по фиксна цена однапред, потреби се околу една милијарда евра фиксна сума денеска. Не постои субјект што тоа може да го обезбеди. Затоа сите нудат HUPEX цени и обезбедуваат електрична енергија врзана со плаќања кои ги сведуваат снабдувачите на брокери“, изјави Анѓушев и додава дека, индустријата има проблем што не може да ги формира цените на своите производи, бидејќи кога има варијабилна цена на некој од компонентите во цената на чинење на производот на дневно ниво, не можете да се формира стабилна цена на производ.
Тој појаснува дека, во овој момент во услови на раст и дневни разлики на цената на електричната енергија на берзите, најпогодени се компаниите кои во цената на производот имаат значаен удел не струјата, како што е металургијата, каде струјата учествува со околу 40 до 50 отсто или во металната индустрија, каде учеството е околу 15 отсто, но и во други значајни дејности кои имаат сериозен удел во домашната економија и креирањето на БДП.